Македонија
10. March 2021 - 15:24

Собранието ја заврши расправата по предлог-стратегија за регионален развој, по паузата продолжува седницата

Собранието денеска во рамки на 26-та седница ја разгледа Предлог –  стратегија за регионален развој на Република Северна Македонија 2020 – 2030, а гласањето по оваа точка, како што истакна собранискиот спикер Талат Џафери, ќе биде дополнително закажано.

Заменик-министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски рече дека при подготовката на стратегијата анализирани се податоци на Државниот завод за статистика, како и податоци добиени од органите на државната управа, агенциите, фондовите и јавните претпријатија. Поради застарените податоци од пописот на населението, домаќинствата и становите, ова, посочи Димитровски, претставуваше предизвик за подготвувачите на стратегијата и поради тоа Министерството за локална самоуправа заедно со тимот експерти се обврзува дека по објавувањето на резултатите од претстојниот попис ќе се направи ревизија на стратегијата во обем за кој ќе процени Советот за регионален развој и Владата.

– Визијата на стратегијата е да се надминат воочените диспаритети и планските региони да прераснат во функционално територијални единици во кои се генерира стабилен економски раст, се обезбедуваат квалитетни социјални услуги и други услуги штитејќи ја животната средина и природата и на тој начин да се придонесе за зголемување на нивната атрактивност, да се задржи населението во регионите и да се направи одржлив развој преку специјализација и искористување на конкурентните предности, рече Димитровски.

Потенцира дека клучниот елемент, кој е и дел од Законот за рамномерен регионален развој, е да се одвојуваат многу повеќе средства односно еден отсто од БДП за рамномерен регионален развој.

– Тоа во државата не се случува во целиот изминат овој период откога се донесени овие програмски цели со претходната стратегија од 2009 година и гледаме дека тие средства се на многу ниско ниво, затоа што ако БДП на нашата држава е 13 милијарди евра тоа значи дека секоја година треба да се издвојуваат 130 милиони евра за рамномерен регионален развој. Со средствата кои го добива Министерството преку Бирото за регионален развој годишно се издвојуваат седум осум милиони евра и со парите кои другите министерства ги одвојуваат за регионален развој тие средства се 30 до 40 милиои евра но се далеку од посакуваната цифра од 110 милиони евра. Нашите интенции и тоа го ставивме како Министерство и во новиот закон, е да сите средства кои ги издвојуваат агенциите, фондовите, министерствата кои се наменети за регионален развој да се вложуваат врз основа на индексот на развиеност на овие осум региони во државава, рече Димитровски.

Појасни дека секоја година ќе се следи колку средства се изводјуваат од министерствата во кои региони се вложува за да може регионите кои ќе добијат помалку инвестиции, вложувања во регионалниот развој да се поправат министерствата идната година повеќе да вложуваат.

Според законот, нагласи, советот за рамномерен регионален развој треба да дава согласност и да ги одобрува сите проекти од министерствата кои ќе одат за регионален развој.

– Досега тоа не се случувало и сметам дека тоа ќе го помогне регионалниот развој. Се предвидуваат два механизми – едниот со таканареченото фискално вооедначување односно тоа е пвеќе наменето за општините кои имаат помали фискални капацитети каде се предвидени два гранта – еден за помош на општините со помали фискални капацитети и вториот грант за перформанси за да не бидат доведени во лоша положба општините со добри фискални капацитети и немаат долгови, истакна Димитровски.

Додаде дека тоа што е важно во стратегијата е да се понудат визии до Владата која треба да усвои мерки и во другите политики да внимава на регионалниот развој. Една од тие мерки е, како што појасни, Владата во иднина да посветува многу повеќе внимание кога се привлекуваат странски или домашни инвестиции, да определува одредени бенефиции ако се вложува во регионите кои се со понизок развоен индекс.

Пратеничката Лидија Петкоска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека важноста на стратегијата е огромна и со нејзината имплементација би се помогнал локалниот регионален развој.

– Жалам што се исклучи дебата со сите засегнати страни. Стратегијата се донесува за период од десет години и во неа отсуствуваат 2019 и 2020 година. Зошто Министерството и Владата сега се брзаат, а стратегијата требаше да се донесе во 2020 година. Во стратегијата нема податоци за 2019 и 2020 година. Суштински документ се носи со сериозен пристап. Нема методологија. Стратегијата делува како генерален извештај за сработеното, додаде Петкоска.

Реплицирајќи на Петкоска, пратеничката Жаклина Лазаревска рече дека во реализацијата на стратегијата се сторило нешто во регионалниот развој. Според неа, во времето на ВМРО-ДПМНЕ сите пари биле вложени во проекти кои се реализирале во Скопје, но не и во други општини.

Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека две години се доцни со донесувањето на стратегијата. – Диспаритетот меѓу планските региони е голем. Во скопскиот регион кој е најразвиен, просечната плата е за 150 евра повисока отколку во североисточниот регион, кој е оддалечен 150 километри и каде има најголема невработеност и најголем број приматели на социјална помош. Урбаните подрачја се поразвиени од руралните, посочи Стојаноски.

Според пратеничката Марија Костадинова од СДСМ, по пописот стратегијата ќе се ревидира.

По завршувањето на расправата по оваа точка, на дневен ред на седницата требаше да биде предлог – законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, по скратена постапка, за кој Џафери рече дека ќе се разгледува кога ќе има услови. Тој потенцира дека предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции во прво читање е повлечен и дека дополнително ќе информира за продолжението на 26.седница.

Собранието ја почна 20-тата седница на која единствена точка е Предлог – законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, по скратена постапка. Спикерот Џафери рече дека поради фактот што претставникот на Владата е во работните тела на комисијата, расправата по таа точка ќе продолжи во 15:15 часот односно по редовната пауза.

– Од денеска додека трае полицискиот час Собранието ќе работи до 18 часот за да се овозожи навремено патување на пратениците и за да не мора тие да вадат посебни дозволи, додаде Џафери.