Македонија
10. April 2017 - 20:13

Собранието ја продолжи процедуралната расправа

10-то продолжение на конститутивната седница почна и заврши со процедурални забелешки. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и денеска со различно толкување на собранискиот деловник. СДСМ со предлог поддржан од 10 пратеници побара промена на точката на дневен ред и наместо за состав на комисијата за избор и именувања, пратениците да го изберат новиот спикер. Според ВМРО-ДПМНЕ пак деловникот е јасен, точката на дневен ред не може да биде прекината додека не заврши дискусијата.

Меѓусебните обвинувања беа дел и од денешната седница, кој и со каква цел ја кочи работата на Собранието.

И по 10 дена дебата пратениците се далеку од изборот на претседател и состав на собраниската комисија за избор и именувања. Од вкупно 57 пратеници кои на почетокот на конститутивната седница се пријавија за збор, досега ова право го имаат искористено само 4-ца. Седницата продолжува и утре од 11 часот.