Македонија
6. August 2017 - 17:53

Собранието го донесе ребалансот на Буџетот за 2017 година

Собранието на Република Македонија попладнево со 61 гласови „за“, двајца против и ниту еден воздржан го усвои ребалансот на Буџетот за 2017 година. 

На гласањето, во знак на протест, како што рече Илија Димовски, не присуствуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата зашто мнозинството не покажало демократија, почитување и инклузивност, отфралјќи ги сите поднесени амандмани.

- Ребалансот на Буџетот е првиот чекор напред кон градење подобро општество во Македонија. Предвидува сериозни ограничувања поради зголемениот јавен долг изминатите години и високите недоспеани обврски, како и поради ризиците поврзани со недозволените грешки во тековните проекти, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски непосредно пред гласањето на пратениците.

Тевдовски потсети дека ребалансот ги крати непродуктивните трошења на Владата и институциите за 122 милиона денари, а другите тековни расходи (репрезентации, економски промоции, рекламирања) за 257 милиони денари, за да се обезбедат нови политики и мерки кои ќе значат поддршка на домашните фирми и стандардот на граѓаните.

Обезбедени се средства за субвенционирање на минималната плата која според проекциите треба да се зголеми на 12.000, за поддршка на малите и средните претпријатија, на домашни гринфилд инвестиции, на туризмот, а има пари и за материјално обезбедување на стечајните работници.

Ребалансот се темели на проекција на раст на БДП од 2,2 отсто, буџетскиот дефицит е проектиран на 18,57 милијарди денари, вкупните приходи се ревидирани за 1,5 отсто надолу, односно за 2,87 милијарди денари, а социјалните придонеси согласно остварувањето се очекува до крајот на годината да имаат благ пораст во однос на иницијално буџетираните. Расходите, пак, наменети за стоки и услуги се скратени за околу две милијарди денари во однос на иницијалната проекција со Буџетот, додека договорните услуги се намалени за дури 902 милиона денара.

Капиталните расходи се ревидираат на 23,4 милијарди денари поради ниското ниво на реализација во првите шест месеци од годинава (8,7 милијарди денари). Извршено е намалување на средства кај капиталните проекти кои имаат забавена динамика на реализација на активностите во првата половина од годината. 

И попладнево, во рамки на последниот ден од расправата, пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата ги повторија спротивставените ставови. Според СДСМ, со ребалансот на Буџетот се намалуваат непродуктивните трошења, а капиталните инвестици се сведуваат на реална основа. ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека прекројувањето на државната каса е неразвојно, а со кратењето на капиталните проекти и средствата во образованието, здравството, полицијата, армијата,..., се обезбедуваат пари за вработувања партиски кадри и градење бегалски кампови. 

Пратеничката Невенка Стаменковска нагласи дека од 706 амандамни кои ги поднесоа ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, ниту еден не е прифатен. 

- Велите дека со ребалансот кратите од непродуктивните трошења, 25 милиони денари помалку во делот за изградба на основни училишта. Само Влада предводена од СДСМ може да каже дека пари кои се наменети за изградба на основни училишта се непредуктивни трошоци, рече Стаменковска. 

Се кратат, додаде, и 105.240.000 денари за изградба на спортски сали во основните училишта, 31 милион за спортски објекти, 12.396.000 за градежни објекти,...

- За вас продуктивен трошок е 4,9 милиони денари за договорни услуги во администрацијата на Владата, 12 милиони за привремени вработувања во Владата, 100 милиони за плати и надоместоци во Министерството за одбрана, 67 милиони за патни и дневни расходи во Министерството за одбрана, 30 милиони за капитални субвенции за претпријатија и владини организации од МЗШВ, рече Стаменковска.

На сметка на тоа се обезбедени пари, како што посочи, за шарените револуционери, комедијанти, твитерџии, загрижени и нереализирани лица од т.н. невладин сектор.

Реплицираше Милева Горгиева од СДСМ. - Овој ребаланс се носи за да се спаси тоа малку што остана од македонската економија. Затоа што оставивте пустош и само пустош зад себе. Се предвидува кратење на непродуктивни трошици, а се планира реализирање на реалните потреби на граѓаните на Македонија, рече Горгиева и додаде дека оваа власт ќе работи домаќински. 

Се надоврза Петар Атанасов, дека со ребалансот ќе има 170 милиони денари за изградба и за реконструкција на студентски домови, за изградба на сали во основни училишта ќе има 273 милиони денари, за изградба и реконструкција на основни училишта ќе има 175 милиони денари, за реконструкција на основни училишта ќе има 37 милиони денари...

И Максим Димитриевски подвлече дека СДСМ ќе реализира и веќе реализира реални проекти и ќе генерира реални фискални политики. - Буџетот се намалува за 46 милиони евра. Првпат оваа Влада реши да скрати од контото на премиерот во делот на она што значи репрезентации, економски промоции, реални ставки на премиерот, рече Димитриесвки.  

Реплицирајќи, Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ повтори дека се кратат 11 милиони евра од војската и од полицијата. - Бидејќи знаевме дека е катастрофален ребалансот поднесовме 706 амандамни за граѓаните, за нивните потреби и за нормален живот, но ниту еден не прифативте од вашата сериозна политичка опција, рече Стевананџија.

Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ го праша Димитриевски дали и колку мигранти ќе се сместат трајно во Куманово, дали ќе се проширува кампот за мигратни кај Табановце и дали таму ќе има трајно сместување на поголем број лица...  

Пред да најави дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да гласаат за ребалансот и оти ќе ја напуштат собраниската сала, Илија Димовски го обвини мнозинството, квалификувајќи го како гласачка машинерија на Владата.

- Почнува да се наѕира дека Собранието ќе биде гласачка машинерија на Владата. Мнозинството не сака да дискутира за пожарите, Договорот со Бугарија, депонијата во Струга,... и за многу други наши предлози кои ќе значат директна помош за граѓаните. Ова е тоталитаризам на 62 пратеника, но не верувам дека тие подобро мислат од останатите 51 кои се во опозиција, рече Димовски.

Според него, одговорноста е во пратениците на СДСМ зашто ребалансот, со проектираните кратења, ќе предизвика стагнацијата на економија. 

Расправата почна на 1 август и траеше пет дена, колку што предвидува Деловникот.