Бизнис
19. September 2016 - 17:32

Собранието го донесе ребалансот на Буџетот за 2016 година

Собранието на Република Македонија во попладневниот дел од денешната расправа по дневниот ред на 117-тата  седница едногласно со 82 гласа „за“ го донесе ребалансот на Буџетот за 2016 година со кој се обезбедуваат дополнителни 35 милиони евра за целосно обесштетување на поплавените на 6 август годинава.

Приходите во Буџетот со ребалансот се непроменети и остануваат на ниво на проекцијата од 174.291 милион денари. Расходите се зголемуваат од 195.472 милиони денари на 197.410 милиони денари, а се зголемува и буџетскиот дефицит од 3,6 на 4 проценти и ќе изнесува 23.119 милион денари, наместо 21.181 милион денари.

Претходно  Марјанчо Николов од СДСМ во расправата посочи дека СДСМ заедно со коалициските партнери се реши приоритетот да го даде на интересите на граѓаните и да го поддржи ребалансот, а само со неговото обраќање да го искаже нивниот став за од утре да почне исплатата на оштетените од поплавите во Скопје и Тетово.

- Се надевам дека Министерството за финасии е подготвено и оти од утре ќе почне исплатата на финасиски средства за граѓаните погодени од поплавите. Голем дел од нив немаат никакви средства и елементарни услови за живот и се надевам дека во наредните 10 дена ќе бидат обесштетени, рече Николов.

Тој посочи дека временските услови не се наклонети поради што не треба да се одолговлекува со исплаќањето на паричните средства.

- Нејаснотиите што постојат треба да ги расчистите за што поскоро граѓаните да ги добијат парите и да ги оспособат нивните домови за полесно да ја поминат есента и зимата. Бараме на неделна основа да го објавувате списокот на граѓаните на кои им била исплатена штетата за да се види дали се врши транспарентно и неселективно, рече Николов.

Посочи дека не се задоволни од начинот на кој се обезбедени средствата за обесштетување на поплавите преку кредит од еврообврзницата и додаде дека не биле прифатени нивните барање тоа да се обезбеди од непродуктивните расходи во Буџетот. Обвини дека институциите задолжени за справување со кризи не биле на неопходното ниво и потфрлиле, а последиците од тоа, како што рече, се 23. жртви во поплавите во Скопско.

- Само заради граѓаните од поплавените подрачја ќе го поддржиме овој ребаланс, а и понатаму ќе продолжиме да бараме одговорност од институциите, рече Николов.

Ернат Фејзула од ДПА истакна дека немало да дојде до поплавите доколку биле прифатени нивните амандамни во претходниот ребаланс на Буџетот за 2016 година за регулирање на реките и изградба на заштитни канали за одводнување во Тетовско, Синѓелиќ и Арачиново.

- Секое зло може да се превенира. Поднесовме 300 амандмани за да се спречат последици од поплави, но не ни беа прифатени... Има и дискриминација при исплатата на оштетата од поплавите, рече Фејзула. 

Реџаил Исмаили од ДУИ потенцира дека ребалансот на Буџетот е наменет за обесштетување на сите оштетени од поплавите и затоа, посочи, пратениците на ДУИ ќе го поддржат ребалансот со кој ќе се надоместат сите штети од поплавите од 6 август.

- Имавме разлики околу проблемот, но никако немаше разлики околу фактот дека треба да им се исплатат средства на оштетните од поплавите. Се уште има семејства кои ги немаат добиено 30.000 од авансната оштета. Бараме Министерството за финасии да им ги исплати, рече Исмаили.

Изрази задоволство од фактот што и опозицијата ќе го поддржи ребалансот.

Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ребалансот е наменски и се носи за обесштетување на оштетените од поплавите на 6 август.

- Благодарен сум што наместо пет дена да расправаме се договоривме тоа да го направиме за само еден ден. Не можеме да ја надополниме болката за жртвите, но ќе направиме се за да им помогнеме на оштетените полесно да ги надминат последиците, рече Мукоски.

Прецизира дека 35 милиони евра се повлекуваат од еврообврзницата, а 5 милиони од другите буџетски корисници.

- Очекувам дека со дополнителен раст ќе ги надохнадиме средствата кои се зедоа... Над 90 отсто од оштетените куќи се веќе поминати од комисиите и се надевам дека овие средства ќе бидат доволни за обесштетување, рече Мукоски.