Македонија
4. April 2016 - 16:03

Собранието ги констатираше оставките на министрите од ДУИ, новите чекаат нова седница на Парламентот

Собранието ги констатираше оставките на министрите и замениците-министри од Демократската унија за интеграција. Ваквата одлука следи откако во петокот неотповикливи оставки поднесоа досегашните министри Муса Џафери, Фатмир Бесими, Беким Незири, Абдулаќим Адеми, Нурхан Изаири, Аднан Јашари и Лирим Шабани, како и 4-ца заменици.

Неизвесно останува кога ќе бидат назначени новите носители на функции на ДУИ, чии предлог имиња  беа објавени вчера.

Преку партиско соопштение од ДУИ информираа дека за министер без ресор – заменик на премиерот задолжен за европски прашања е предложен Фестим Халили, за министер за правда Валдет Џафери, за образование и наука Пиштар Лутфиу, за економија Дритон Кучи, за министер за животна средина и просторно планирање предложен е Башким Ахмети, за локална самоуправа Шухрете Елези, за министер без ресор – заменик на премиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор, ДУИ го предлага Арбер Адеми, додека за министер без ресор – задолжен за странски инвестиции, Арлинд Зеќири.

ДУИ предложи и 4 нови имиња за заменици министри за одбрана, внатрешни работи, финансии и транспорт и врски. Свечена заклетва пред пратениците, новите министри треба да дадат најдоцна до среда до полноќ, кога истекува и рокот за распуштање на Собранието. Своите функции тие ќе ги извршуваат до изборот на нова влада по изборите на 5-ти јуни.