Македонија
26. December 2018 - 18:42

Собранието ги именува Елвин Хасан и Музафер Бајрам за нови министри без ресор

 Собранието на Република Македонија попладнево на 77-седница на предлогот на Владата ги именува Елвин Хасан за министер без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции и Музафер Бајрам како министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија.
 
Премиерот Зоран Заев, во образложение на предлогот, рече дека младиот доктор на науки Елвин Хасан доаѓа на позиција министер без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции од позицијата претседател на НВО и долгогодишен граѓански активист, кој ги застапува правата на турската заедница во Република Македонија.
 

– Елвин Хасан зад себе има повеќегодишно работно исксуство како асистент во групата за турски јазик и книжевност и експерт од пракса за одделенска настава на турски јазик на Педагошкиот факултет. Има објавено неколку научни трудови и докторирал на тема „Организација, раководење и управување со основното образование во Република Македонија и Република Турција“. Очекувам Елвин Хасан да ја оправда довербата и да одговори со посветеност на позицијата министер без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции, рече Заев.

Посочи дека вториот предлог за министер без ресор Музафер Бајрам доаѓа како млад правник, кој има работено во областа на правото и формирањето на законските регулативи.

– Бајрам има работно искуство како помлад соработник во Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор, а има работено и како проект асистен на НВО „Лил“ и приправник во адвокатски канцеларии. Верувам дека со своето искуство и посветена работа ќе придонесе во подобрување на квалитетот на имплементацијата на стратегијата за Ромите во Република Македонија, рече Заев.

Преимиерот очекува од двајцата нови министри совесно и одговорно да ја извршуваат новата функција.

Пратеникот Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека продолжува праксата од претходно и дека претставува апсурд тоа што министер за странски инвестиции треба да биде човек што завршил за одделенски наставник по турски јазик.

– За мене тоа е нелогично и би било апсурдно професор по македонски, турски, албански или англиски јазик да биде министер за странски инвестиции затоа што се работи за многу сериозна и комплексна дејност, за која во најмала рака треба доктор на економски науки со десет години работно искуство во привлекување на странски инвестиции, изјави Стевананџија.

Премиерот Заев, во реплика на Стевананџија, рече дека со Република Турција имаме специјално пријателство и секако дека досегашниот министер Аднан Ќахил не работел само на странски инвестиции.

–  Со Турција негуваме посебен однос за секаков вид соработка во областа на културата, образование, затоа што имаме голема турска заедница тука, но и многу наши граѓани живеат во Турција. Затоа едно вакво решение е прифатливо да биде составен дел од Владата, рече Заев.

Пратеникот Енес Ибрахим од Партијата за движење на Турците изрази уверување дека идниот министер задолжен за странски инвестиции Елвин Хасан ќе претставува гордост за турската заедница и единствен во историјата на Македонија претставник од турската заедница, односно граѓанин од Радовиш да биде министер.

– Тоа е чесност, тоа е вредност. Елвин Хасан е чесен граѓанин и верувам дека ќе биде успешен во идните активности, ијзави Ибрахим.

Музафер Бајрам е потпретседател на Партијата за целосна еманципација на Ромите, а Елвин Хасан потпретседател на Партијата за движење на Турците