Македонија
2. May 2018 - 14:14

Собранието ги донесе законите за судовите, за Судски совет и за високото образование

Собранието на Република Македонија на денешната 45. седница ги донесе Законот за високото образование и измените и дополнувањата на законите за судовите, за Судскиот совет, за оружјето и за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Процедурално координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев рече дека нема да гласаат за Законот за високото образование бидејќи не бил прифатен ниеден од амандманите што ги поднеле. Според него, многу аналитичари и експерти во оваа област сметаат дека со ова законско решение, високообразовниот систем во Македонија се враќа триесетина години наназад. 

Собранието по скратена постапка ги донесе измените и дополнувањата на законите за ревизија, за хартии од вредност, за Кредитно биро и за технолошки индустриски развојни зони. 

Реагираше Данев, кој побара да прекине праксата на носење закони по скаратена постапка. 

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев реплицирајќи му на Данев рече дека во однос на пакетот на реформски закони што Република Македонија го прифати како задача и пред домашната и меѓународната јавност, добро е што опозицијата даде свој конструктивен придонес. 

- Од 60 точки на денешниот дневен ред, 47 се закони кои се носат во редовна постапка, а само четири закони се во скратена постапка. Другите точки се ратификации или автентични толкувања, рече Тунтев. 

Пратениците денеска го донесоа и Законот за ратификација на изменувањата на Протоколот 2 кон Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и Република Турција.

На денешната седница претседателот на Собранието Талат Џафери ја констатира оставката на Ѓорги Сламков од функцијата претседател на Комисијата за заштита на првото за слободен пристап до информациите.