Македонија
23. December 2015 - 19:11

Собранието донесе повеќе законски решенија

Собранието на Република Македонија во попладневниот дел од денешната работа по дневниот ред на 80-тата седница со 71 глас „за“ и 19 гласа „за“ од пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во земјава го разреши Васил Јовановски од функцијата заменик народен правобранител поради исполнување услови за пензија.

Без расправа Собранието едногласно го донесе Законот за изменување на законот за градежно земјиште.

Собранието со 59 гласа „за“ и 12 „против“ го донесе и Законот за дополнување на законот за градежно земјиште кој предвидува актуелниот закупец по рамноправни услови да може повторно да го продолжи краткотрајниот закуп на плажата, на која претходно изградил некаков објект, со највисоката постигната цена на јавното наддавање. 

Со 58 гласа „за“ и 15 „против“ Сбеше донесен Законот за дополнување на законот за градење со кој се предвидува за државните објекти во Скопје да се обезбедат и изградат пристапни патишта и доклку нив не ги изгради општината на чија територија се наоѓа објектот, тоа да го направи Град Скопје.

Пратеникот Томислав Тунтев од СДСМ посочи дека законот за градење е најизменуваниот закон во македонското законодавство и додаде оти досега е менуван 24 пати, од кои 4 пати во 2015 година.

Собранието во рамки на 80-тата седница го разгледа Предлог законот за дополнување на Законот за трговски друштва, во прво читање, и заклучи дека е прифатлив и оти може да се даде на натамошно читање. Едногласно на натамошно читање беше даден и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за иновациска дејност, во прво читање.

Седницата ќе продолжи утре во 12 часот.