Македонија
1. јуни 2016 - 14:10

Собранието донесе повеќе закони по скратена постапка

Собранието денеска, во рамки на второто продолжение на 103-та седница, ги донесе Законот за изменување на Законот за спортот, како и Законот за изменување и дополнување на Законот за Националната инфраструктура на просторните податоци на Република Македонија, по скратена постапка.

По скратена постапка се донесени и измените и дополнувањата на Законот за заштита и спасување. 

Дискусија имаше за измените на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија. Ја иницираше Марјан Даскаловски од СДСМ кој обвини дека власта не води еднаква политика за сите општини во однос на спортските објекти, на што реагираа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со контра став, дека СДСМ не направи ништо за развојот на спортот за разлика од нивната партија која изгради преку 225 спортски игралишта и 50 спортски сали.

- Многу спортски објекти Владата ги има дадено под капата на локалните самоуправи, само не во Струмица. Има спортски објекти кои граѓаните на Струмица ги граделе со свој придонес, а државата сега ќе ги продава или ќе ги дава под закуп на кој било, само не на Општина Струмица, рече Даскаловски.

Струмица има плејада познати спортисти, многу од нив ја претставуваат земјата во странство, а други се шампиони. - Дали Општината не заслужува еден спортски објкет да и биде доделен. Салите треба да се дадат спортистите. Не смее да се продаде ниту еден објект што го граделе граѓаните со самопридонес, истакна пратеникот од СДСМ.

Реплицираше Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ, со забелешка дека законските измени се однесуваат на нешто сосема друго, а не на давање под закуп спортски сали. - Сепак, во овој контекст, морам да ве демантирам зашто ако некој направил нешто за спортските објекти во Македонија, тогаш тоа е оваа Влада, на ВМРО-ДПМНЕ. Проектира вкупно 500 од кои 300 се изградени или се во фаза на градба, посочи Димков. 

За збор се јави и Васил Пишев, потестувајќи на, како што нагласи, ветувањата на СДСМ во овој сегмент, кои до денес не се реализирани. - СДСМ нема програма, а Владата на ВМРО-ДПМНЕ изгради преку 225 спортски игралишта и преку 50 спортски сали, посочи Пишев.

Според Славе Гошев, СДСМ не направи ништо за развој на спортот во Струмица, а ВМРО-ДПМНЕ, освен во Струмица, спортска сала направи и во Куклиш каде сега се одржуваат сите манифестации, независно дали се спортски или културни. - Колку средства издвојува Општина Струмица за спортот за разлика од Радовиш, Гевгелија, и зошто да ви ги дадеме спортските објекти кога не организирате ништо друго, само концерти на српски пејачи?, праша Гошев. 

Лилјана Затуровска му укажа на Даскаловски дека „ги измешал лончињата“ зашто во законските измени станува збор за спортски објекти кои не се на локалната самоуправа. - Вашиот градоначалник не стави ни камче во ниту еден објект од вашата локална самоуправа. Токму од тие причини, за да се спречи градоначалниците да прават опструкција, го сменивме и Законот за градење, рече Затуровска.

Пратениците моментно расправаат по Извештајот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер за 2015 година. Комисијата, како што рече нејзиниот претседател Ѓорѓи Сламков, во 2016-та одбележува јубилеј, една деценија постоење.

На дневен ред на седницата се и годишните извештаи на Агенцијата за администрација, на Народниот правобранител и на Македонската радио-телевизија.