Македонија
16. November 2017 - 15:01

Собрани парите за операција на Валерија Зафировска

Собрани се потребните пари за итната операција на малата Валерија Зафировска од Штип, соопшти денеска нејзината мајка Марина Зафировска.

Валерија има тумор на мозокот кој прогесивно расте, а операцијата треба да се изврши во Истанбул, Турција, од еден од десетте најпознати неврохирурзи во Европа.

Операцијата чини околу 40.000 евра.

- Средставата се собрани и затоа сакам јавно да упатам благодарност од моја страна, од страна на мојот сопруг и семејството. Голема благодарност до сите граѓани што излегоа да помогнат. Благодарам што сите бевте со нас во овој тежок момент, кога ни беше најтешко и кога требаше да се соберат средствата, изјави Зафировска.

Таа истакна дека преку донации се собрани средства за операцијата и за натамошно лекување, за терапијата по операцијата. Сите пари, пак, кои се собираат од вчера до недела ќе бидат еднакво донирани на Хана, Стефан и Борче на кои им е потребно лекување во странство.