Македонија
22. јуни 2020 - 15:26

Собрани 37 крвни единици во третата вонредна крводарителска акција во Велес

Во организација на Општинската организација на Црвениот крст од Велес и Институтот за трансфузиона медицина од Скопје денеска во просторот на Ликовниот салон во Велес се одржа трета вонредна акција за доброволно дарување на крв, во која  се собрани 37 крвни единици.

Како што оцени Орце Николов, секретар на ООЦК Велес, акцијата е успешна. Од 37-те крводарители, 29 биле мажи, а осум жени и тројца првпат дарувале крв и влегле во Друштвото на хуманите.

Оваа акција е трета вонредна со цел да се зголемат намалените количества на крв на Институтот за трансфузиона медицина во услови на КОВИД-19, кога драстично е намалено крводарувањето.

Николов потенцира дека како и во претходните две и во оваа трета вонредна акција се почитувале сите превентивни  мерки на носење заштитни маски и држење на растојание меѓу крводарителити.

-Велешани, како и многупати, ја искажаа својата хуманост на дело и потврдија дека со право се на пиедесталот, на првото место по крводарување во земјава, потсети Николов.

Во двете вонредни крводарителски акции што се реализираа во април и мај беа собрани по 63 крвни единици.

Во текот на јуни беше спроведена и акција за доброволно дарување на крв меѓу припадниците на Армијата во Велешкиот гарнизон, кога беа собрани 25 крвни единици.