Македонија
30. January 2017 - 15:55

Собрани 37 крвни единици на крводарителска акција во Кавадарци

На доброволна крводарителска акција што се спроведе денеска во Кавадарци собрани се 37 крвни единици.

Секретарот во Општинската организација на Црвен крст Кавадарци Розе Илова, информираше дека во акцијата реализирана во просториите на кавадаречката општинска зграда, се вклучиле крводарители од општините Кавадарци и Росоман.

- Акцијата ја реализиравме заедно со екипа од Републичкиот завод за трансфузиологија од Скопје. Годишниот план за дарување крв за општините Кавадарци и Росоман е 1.184 крвни единици, пресметано врз основа на востановената проценка на три проценти од вкупното население, рече Илова.

Таа нагласи дека Кавадарци се наоѓа на врвот на листата на градови, кога е во прашање хуманоста и доброволното дарување на крв.