Македонија
10. November 2016 - 17:35

Со воена свеченост одбележан денот на Баталјонот за почести

Со воена свеченост припадниците на Баталјонот за почести денеска во касарната „Илинден“ во Скопје го прославија денот на единицата, како и примопредавање на должноста командант на единицата.

Како што соопшти Генералштабот на Армијата на Република Македонија, пред присутните со пригодни говори се обратиле началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, досегашниот командант потполковник Тони Тонев и ново назначениот командант потполковник Иван Атанасовски.

Во своето обраќање пред присутните генералот Величковски го истакна угледот и достоинството кое баталјонот за почести го ужива во АРМ и привилегијата да се биде нејзин припадник.

Величковски на досегашниот командант потполковник Тонев се заблагодари на досегашното залагање и постигнатите успеси во единицата, а на новопоставениот командант потполковник Атанасовски му ја честита новата должност со порака да го вложи сиот потенцијал во  примена на знаењата кои ги има стекнато во својата досегашна кариера и успешно да раководи со оваа репрезентативна единица на АРМ.

Како што се наведува во соопштението, на церемонијален начин е извршено примопредавање на военото знаме на единицата помеѓу досегашниот и новоназначениот командант на Баталјонот за почести.

Потполковник Атанасовски во својот говор се заложи дека должноста која му е доверена ќе ја извршува професионално и одговорно и ќе го даде својот максимум за единицата.

Потполковникот Тонев ги истакна постигнатите резултати во работењето и искажа благодарност до припадниците на Баталјонот за почести за досегашното залагање и за поддршката која ја имаше како командант.

На свеченоста присуствуваа и генерали од АРМ, команданти на единиците на АРМ, претставници на сојузот на борците од НОВ и други гости од Министерството за одбрана и ГШ на АРМ.

На свеченоста, како што се наведува, по повод денот на единицата се доделени стимулативни мерки на повеќе припадници на ЗОК за остварените резултати во работењето.

Со  одлука на претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов, 11 ноември  е определен за ден на Баталјонот за почест, како спомен на одбележување согласно традициите на значајните историски настани врз кои се темелат традициите на АРМ.  Баталјонот за почести е формиран на темелите на Првата гардиска бригада која е формирана по осамостојувањето на Република Македонија на 26 март 1992 година во касарната „Илинден“, а 11 ноември како ден на Баталјонот за почест оваа единица го презема како носител на традициите на Првата македонско косовска ударна бригада која е формирана на овој ден во 1943 година во селото Сливово.