Македонија
13. January 2022 - 12:39

Со водата од Злетовица Штип ќе штеди струја

Единствен начин ЈП „Исар“ од Штип да ја преброде енергетската криза е доколку градот со вода за пиење започне да се снабдува од ХС „Злетовица“. Примерок од водата е пратен во Белград, од каде се чекаат резултатите. Водоснабдувањето се уште се одвива преку бунарскиот систем, со што се трошат енормни количини електрична енергија, а „Исар“ наместо досегашните 5 милиони денари, од февруари за струја ќе добива месечна фактура во висина од 20 милиони денари.

-Доколку започнеме да ја користиме водата од ХС „Злетовица“, според нашите анализи трошоците за струја по оваа висока цена би биле исти како претходно кога немало енергетска криза, Значи јавното претпријатие би плаќало помеѓу 4 и 5 милиони денари, изјави Трајче Здравков, директор на ЈП „Исар“ - Штип.

Филтер станицата е преадаптирана за прием на водите од хидросистемот уште во септември минатата година, а постои и обучен кадар. Поради неисплатен заостанат долг кон приватниот добавувач на електрична енергија од 30 милиони денари, договорот е еднострано раскинат.

-ЈП од 1-ви јануари излезе на слободен пазар, каде што според нашите анализи ќе плаќаме минимум 4 пати повисока цена на струјата од таа што ја плаќавме  до сега- додаде Здравков.

Дополнително, Исар заедно со општината треба да врати долг од 4,5 милиони евра, за кредит кој не бил исплаќан цели 20 години.