Македонија
16. November 2018 - 16:48

Со валидна лична карта Груевски ја минал црногорската граница

Никола Груевски од Црна Гора кон Србија го изнеле заменик унгарскиот амбасадор и конзул, пишуваат црногорските медиуми, повикувајќи се на извори од Управата на полицијата.

Териотријата на Црна Гора ја напуштил истиот ден кога и влегол, преку граничниот премин Добраково, во 22.16 часот. Во Србија влегол со автомобил со регистарски ознаки 55А05 во придружба на Часар Јозеф Золтан и Фелеѓази Шаба, и двајцата носители на унгарски дипломатски пасоши.

Груевски во Црна Гора PAK влегол на 11 ноември во 19.19 часот, на граничниот премин Божај, користејќи лична карта на свое име. Во системот за пребарување не се појавила никаква заштитна мерка, па тој во придружба на Кулсар Антала и Вараслави Шаба, со автомобил “Фолксваген Џета” со регистарски таблички ЦД 1023, непречено ја преминал границата.

Во соопштението на Управата на полицијата на ЦГ се вели дека во овој случај се испочитувани сите законски прописи.

Албанската полиција вчера соопшти дека Груевски на 11 ноември барањето за азил во Унгарија го поднел во унгарската Амбасада во Тирана, а нешто покасно од 19 часот истиот ден, преку граничниот премин Хани Хотит, преминал во Црна Гора со возило на унгарската Амбасада.

Во моментот кога Груевски бил на територијата на Албанија и Црна Гора, двете земји кои досега и официјално потврдија дека тој поминал низ нивната територија, не била распишана меѓународна потерница. Потерницата од Интерпол за Груевски е издадена на 13 ноември.