Македонија
12. September 2019 - 16:23

Со тешки последици од мозочен удар и Паркинсонова болест, 3 пати одбиен за инвалидска пензија

Со тешки физички последици по прележан мозочен удар од 2013, Ацо Јовановски од Скопје неможе да им докаже на институциите дека е неспособен за работа. Три пати добива негативни решенија од Комисијата за инвалидска пензија и покрај медицинските извештаи од специјалисти дека левата рака му е речиси нефункционална, тешко оди а му е дијагностицирана и паркинсонова болест. Овој 52 годишен скопјанец од крајот на ланската година користи и туѓа нега, но и покрај тоа за лекарите од комисијата не ја изгубил општата способност.

-Не можам ништо со левата рака, замислете неможам кондури да врзам, ми треба помош за јадење и бањање, тешко одам со ногата, левото око кога има промена на време ми се затвора и имам дури страв надвор кога се движам, вели Ацо Јовановски од Скопје.

Јовановски кој вели дека во секојдневните активности е зависен од семејството а користи и ортопедски помагала, не може да разбере како лекарите во Комисијата процениле дека може да работи. Се сомнева во нивната стручност бидејќи нема печат какви специјалисти се.

-Мене тој печат ништо не ми значи, треба печат да знаеме. Треба некој да ги провери што прават, вели Јовановски.

Освен парите од туѓа нега овој скопјанец нема други финансиски приходи. Минатата недела поднел тужба до Управниот суд а ако повторно го одбијат вели дека не се откажува и ќе оди до Стразбур.

Не се откажувам, ќе одам до крај ова не е нормално. Останав без пари, не може да барам од децата а некој да се поигрува со мене, вели Јовановски.

Јовановски ја поминал истата голгота низ институциите како и Бане Најдовски од Ајватовци кој и покрај деменција, алцхајмер, мозочни удари и дијабет Комисијата го прогласила за работоспособен. Министерката за труд и социјала не упати сите одговори да ги побараме во ПИОМ.

-Тие се надлежни за доделување на инвалидска пензија и одлучуваат спроед правилници, побарајте таму ќе ви дадат одговори, вели Мила Царовска, министерка за труд и социјала.

Од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување деенска побаравме став колку лекари и со кои специјалности работат во Комисиите за инвалидска пензија, кој ги избира и колку им траат мандатите. Одговор не добивме.