Македонија
8. October 2015 - 14:36

Со средства од ИПА ќе се унапредува вклученоста на пазарот на труд на лицата со инвалидитет

Развој  и спроведување професионална рехабилитација и услуги на лична асистенција за интензивно и квалитетно интегрирање на луѓето со инвалидитет на пазарот на труд, подобрување на услугите за ранливите категории население и олеснување на размена на податоци меѓу надлежните институции има за цел проектот „Унапредување на услугите за социјална вклученост“, финансиран од ЕУ преку ИПА фондовите, кој беше промовиран денеска во Скопје. 

За исполнување на овие цели од европските фондови се издвоени 1.366.250 евра кои ќе бидат наменети спроведување на проектот во наредните две години. Главен корисник на средствата е Министерството за труд и социјална политика.

Претставникот на Европската унија во Македонија Мартин Клауке  вели дека остварувањето на посакуваните резултати  е голем предизвик кој бара унапредување на социјалната помош и системот за заштита особено во процесот на вработување и пазарот на труд.

- Поделбата на државните одговорности и квалитетни услуги за луѓето со инвалидитет е од суштинска важност за промоција на ЕУ вредностите не само на пазарот на труд, туку и во општеството, рече Клауке.

Додаде дека овој проект е мал дел од активностите што ЕУ ги финансира во Македонија во областа на социјална вклученост и најави дека и во иднина ќе продолжи со поддршката за земјата во оваа сфера.

Справувањето на проблемот со социјалната исклученост на ранливите категории, рече заменик министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими бара конструктивен пристап во општествени ранки и прифаќање на стратешка ориентација за различни решенија и потреби.

- Овој тип на исклученост е повеќедимензионален и сложен процес кој влијае на ослабувањето на врските на поединецот и заедницата. Современиот концепт бара нов социјален метод и модел кој во прв план ја става личност, а не причината за исклученоста, како припадност, етничка или друга дијагноза, инвалидитет или било каква друга основа за исклученост, рече тој.

Јелена Вахакоупус, тим лидер на проекот, вели дека со реализацијата на проекот е да се подобрат системот и услугите за социјална заштита, како и да се промовираат еднаквите можности на пазарот на труд.

- Со проектот треба да се обезбеди развој и спроведување на професионалната рехабилитација и услугите за лична асистенција, подобрување на испораката и мониторинг на услугите на ранливите категории и олеснување на размената на податоци меѓу институциите, рече таа.

Додаде дека во рамки на проектот треба да се воведе стандардизирана професионална рехабилитација на луѓето со инвалидитет, да се унапредат капацитети на професионалците во областа на професионалната рехабилитација кои директно работат со лицата со инвалидитет, да се зголеми соработката меѓу институциите надлежни во сферата на социјалната заштита, да се воведат услуги за професионална асистенција на лицата со инвалидитет, како и да се унапреди постоечкиот софтвер за полесна размена на податоци меѓу институциите