Македонија
16. March 2021 - 15:42

Со сатурација 80, во лоша состојба 65-годишен маж позитивен на Ковид од вчера чека да биде хоспитализиран

Со сатурација 80 и во лоша здравствена состојба, 65-годишниот Сефет Шакир кој е заразен со Ковид 19 од вчера чека  во болничкиот ходник на Клиниката за трауматологија, откако претходно бил вратен од инфективната клиника и од Клиниката за неврологија, пишува А1он.

Од болниците го одбиваат со образложение дека нема место.

„Татко ми е дијабетичар, срцев болесник, со вграден пејсмекер и сатурација 80. Од вчера вечерта се обидуваме да го хоспитализираме, но залудно. Избезумени сме. Човекот едвај дише, а со часови седиме во болничкиот ходник, никој ништо не ни кажува, само не препраќаат од клиника до клиника“, вели неговиот син Арет за А1он.

Шакир вчера добил позитивен тест на Ковид 19 направен во приватна болница, каде му било кажано дека му е потребна итна хоспитализација.

„Немавме пари за да платиме хоспитализација на приватно и веднаш се упативме на Инфективна. Оттаму ни издадоа документ во кој се вели дека треба хоспитално лекување, но дека се упатува на друга клиника, затоа што нема место. Се вративме дома, утринава состојбата му се влоши, викнавме Брза помош, дојдоа, но не знаеја каде да го носат. Еве уште се со нас, се координираат, го однесоа на неврологија, па потоа не пренасочија на трауматологија. Тука пак, ни велат ‘нам никој не ни кажал дека треба да се прими пациент’“, вели синот на Шакир додека чека со својот татко да биде примен на лекување.

Вкупно 1082 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот се лекуваат на инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови, при што има околу 340 празни болнички кревети во ковид – центрите, соопшти денеска Министерството за здравство.