Бизнис
10. јуни 2021 - 16:47

Со ребалансот на буџетот се намалува ДДВ на струјата, но ќе поскапи дизелот

Владата ќе го намали ДДВ на струјата од 18 на 5%. За сметка на тоа ќе воведе еколошки данок, односно надомест за увоз или производство на нафтени деравати. Од увидот во предлог Ребалансот на буџетот кој го направи Сител, во Програмата за зелен развој, предвидено е од 1-ви јули надоместокот на дизeлот од сегашните 0,03 денари да се зголеми на 3,5 денари по литар, што ќе предизвика раст на малопродажната цена само по овој основ. Со оваа давачка, за половина година во буџетот државата очекува да се слеат нешто над 27 милиони евра.

Во време кога енергетските компании бараат поскапување на струјата, Владата со намаленото ДДВ во сметките за електрична енергија, планира да го амортизира ударот врз граѓаните. Сепак, цехот за пониските сметки за струја, ќе го платат пак тие, затоа што поскапената нафта ќе ги зголеми цените  -  лебот, превозот и земјоделските производи ќе бидат први на удар, а потоа и се останато.  

Со намалувањето на ДДВ-то за електричната енергија, за половина година, колку што ќе трае мерката, Владата очекува да загуби 33 милиони евра во буџетот. Светските трендови се дека цената на струјата ќе расте до 2030-та година, па затоа дел од енергетските експерти, како и опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараа државата привремено да го намали данокот од 18 на 5%.