Бизнис
18. September 2019 - 12:49

Со проект на ФАО ќе се подобрува животот на руралните заедници во земјава

Со финансиска поддршка од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) во земјава ќе се подобруваат условите за живеење во руралните средини и ќе се намалува сиромаштијата преку проектот „Поддршка за интегриран локален развој“ во вкупна вредност од 275 илјади евра што ќе се спроведува до 2021 година. Проектот ќе им се помогне на малите земјоделски стопанства и семејните фарми да ги подобрат условите за живот, да добијат пристап до пристојна работа и до продуктивно, одржливо вработување.

Целта на проектот, чие отпочнување беше означено денеска во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), е да ги поддржи политиките и мерките за рурален развој и да ги зајакне капацитетите на локалната власт за да се подобри животот во руралните средини и стандардот на живеење на руралното население. Носител на проектот е МЗШВ, а ќе се спроведува во соработка со единиците на локалната самоуправа, Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството и земјоделските здруженија. За да се постигне програмски пристап во руралниот развој проектот ќе избере две целни рурални заедници во кои веќе се спроведува консолидацијата на земјоделското земјиште.

-Соодветното креирање на руралните политики е еден од нашите главни приоритети кои придонесуваат кон намалување на иселувањето на населението и нивно задржување во руралните области, а со тоа и зголемување на земјоделското производство и намалување на увозот на земјоделски и прехранбени производи. Како ресорно министерство во изминативе две години континуирано работиме на креирање мерки што ќе резултираат со подобрување на условите за земјоделско производство во руралните средини што крајно ќе влијае и на севкупната економија, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски на отворањето на проектот.

Тој посочи дека Владата обезбеди 38 милиони евра за подобрување на условите за живот во руралните средини што ќе се реализираат преку мерките од Програмата за рурален развој наменета за општините пред се за капитални инвестиции во локалните патишта и мостови во руралните средини и инвестиции во канализациски системи и за развој на туризмот. Со нив, како што кажа, ќе се обезбеди рамномерен регионален развој и ќе се подигне квалитетот на животот во сите места во државата.

-Проектот на ФАО ќе помогне во поддршка на развојот на локалната заедница, помагајќи им на малите земјоделски стопанства да применат одржливи технологии на производство, да инвестираат во мерки за прилагодување кон климатските промени, да ги диверзифицираат нивните приходи, да пристапат до средства за механизација или друга опрема, да го подобрат вредносниот синџир и пристапот до нови пазари. Со соодветна поддршка и програмски пристап кон руралниот развој, избраните пилот заедници можат да бидат модел кој потоа би се применувал и во другите делови од земјата, за постигнување одржлив локален развој, обезбедување храна и ублажување на руралната сиромаштија во Република Северна Македонија, потенцира Димковски.

Мортен Хартвигсен од ФАО посочи дека проектот се спроведува како дел од Регионалната иницијатива на ФАО за зајакнување на малите земјоделски стопанства и семејните фарми за подобрување на руралниот живот и намалување на сиромаштијата.

-Постои јасна потреба да се поддржат македонските рурални заедници преку интегриран пристап, односно здружување на различни иницијативи за зајакнување на руралните области, како поддршка за развој на вредносниот синџир, подобрено организирање, засилено и одржливо производство и подобрувања во земјоделската инфраструктура, рече Хартвигсен.

Целокупниот предизвик, додаде, не е само да се осигури земјоделскиот и руралниот развој преку зголемена продуктивност и конкурентност на малите фарми, туку и да се осигури дека растот станува инклузивен и ќе резултира во подобри услови за живот во руралните заедници, вклучително и за жени и за мажи и за ранливи групи.