Бизнис
16. July 2018 - 15:34

Со преговорите законодавството за зоните и инвеститорите целосно ќе се прилагоди со ЕУ

  Со претстојните преговори за членство во Европската унија Македонија ќе се адаптира целосно на законодавството за технолошко индустриските развојни зони, тоа го знаат инвеститорите, но нашите предности ќе останат,  изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Вакви зони, вели Заев, постојат во Европската унија целосно преадаптирани согласно европската регулатива и тоа е дел од некое од поглавјата што Македонија ќе ги разговара.

- Секако ќе се адаптираме, тоа го знаат сите инвеститори во зоните, и тие почнати од претходната и од сегашната Влада. Во моментот на затвороње на тие  поглавја ќе бидеме целосно во корелација со ЕУ. Во Европската унија до 50 проценти  се дава можност за поддршка и помош на инвеститорите, а нашите предности ќе останат наши предности за да  привлекуваме и натаму вакви инвестиции со конечна цел да  има работни места и зголемување на платите на нашите граѓани, изјави  Заев, одговарајќи на новинарски прашања по стартот на изградбата на фабриката на американска „Дура“ во Бунарџик.

Како што информираше Александар Младеновски, директор на Дирекцијата на технололошки индустриски развојни зони, пред вестите за покана на државата во НАТО и за преговори со ЕУ, како Дирекција имале голем интерес за инвестирање  во зоните, а се очекува тој тренд да продолжи.

- Десет договори се веќе потпишани, а шест се во процедура на потпишување. Во наредниот период ќе почнат да се реализираат и  останатите седум договори кои се во финална фаза. Отворањето на вратите на ЕУ и НАТО  сигурно многу ќе  го зголемат овој тренд. Во зоните имаше 17 оперативни фабрики, а отприлика толкав број за една година ќе се во некава проектна или останата фаза на изведување, рече Младеновски.

Според него, од зоните кои се наследени од претходната власт освен ТИРЗ Скопје 1 во Бунарџик, останатите се без комплетна инфраструктура. Во ТИРЗ Скопје 2 инфраструктурата ќе биде готова за неколку месеци, а се работи и во останатите во Струга, Прилеп и Струмица, каде  немало канализација, водовод, влезови. Со преземените активности, како што информира Младеновски, капиталните инвестиции  во зоните моментно се над 50 проценти  и проектираното ќе биде реализирано до крај на годината, освен клучките за кои е потребно подолго време.

Како што информираше министерот за економија Креник Бектеши, компаниите во зоните најмногу придонесуваат во извозот. Во првите пет месеци годинава извезле стоки во вредност од 942 милиони евра, што е раст од 14 проценти во споредба со истиот период лани. 

- Увозот од зоните во првото петомесечие од 2018-та изнесувал 805 милиони евра, што значи дека нето извозниот ефект од зоните во првите пет месеци годинава е 136 милиони евра, информира Бектеши.л