Свет
6. October 2018 - 19:02

Со помош на чип голем колку зрно ориз: Кинезите со години ја шпионирале американската армија и најголемите американски компании

Речиси невозможно звучи информацијата дека Кинезите со чип, не поголем од зрно ориз со години без проблеми ја шпионирале американската армија и најголемите американски технолошки компании.
 
Кинеската шпионажа со малиот чип би била неоткриена доколку „Амазон“, сосема случајно не одлучи да го провери малиот стартап “Elemental Technologies” и нивните сервери на кои што била пронајдена технологијата за „стриминг“ на видеа.
 
Така било откриено дека матичните плочи вградени во серверите на “Elemental Tecnologies” биле компромитирани уште во фабриката во Кина. Проблемот е во тоа што од истата фабрика биле набавувани матични плочи кои што подоцна биле вградувани во компјутерите на американското Министерство за одбрана, американската воена морнарица и американската разузнавачка служба ЦИА.
 
 
Во текот на истрагата која што трае веќе три години, истражувачите откриле дека тие ситни кинески чипови отворале таен влез во било која мрежа на која што се наоѓал компромитираниот уред. За разлика од софтверските упади кои што е полесно да бидат откриени и сопрени, хардверските напади се исклучително ретки затоа што невозможно е да се откријат без физички да биде отстранет уредот преку кој што се врши шпионажата.
 
Како што пренесува “Bloomberg”, токму Кина поради развиеното производство на компјутери и компјутерски компоненти, има неверојатна стратешка предност за таквите хардверски хакерски напади. Според информации од истрагата, компромитираните матични плочи биле пронајдени во триесетина американски компании, меѓу кои и банки, а најзвучното име е Apple.
 
Разбирливо, ниту една од тие компании не сакала да потврди дали кинеските шпионски чипови биле пронајдени на нивните компјутери, а од ФБИ, ЦИА и НСА одбиле да дадат било каков коментар на таа тема. Сепак, од “Bloomberg” тврдат дека добиле потврди од дури 17 луѓе вклучени во истрагата и потврда дека шпионажата со малите чипови е реалност.
 
Се претпоставува дека кинеските чипови се вградени во благослов на кинеската влада со цел да се дојде до вредни корпоративни тајни чувствителни владини информации. Иако никој не сака официјално да потврди дали Кинезите имале пристап до чувствителните информации, интересно е тоа што актуелниот американски претседател Доналд Трамп започна трговска војна токму против Кина, а на удар е и компјутерската опрема која што САД ја увезува од Кина.