Македонија
2. August 2019 - 10:49

Со полагање свежо цвеќе одбележан Илинден во Крива Паланка

Со полагање цвеќе на споменикот на паднатите борци од Народноослободителната борба пред зградата на општината, денес во Крива Паланка беше одбележан големиот празник Илинден.

Цвеќе положија делегација од Општина Крива Паланка, делегација од Советот на Општина Крива Паланка, претставници од локалните јавни институции, основните и средни училишта, општински Сојуз на борци, делегации од политички партии.

Од името на Сојузот на борците се обрати претседателот Славе Јовановски, кој истакна дека она што е најважно е да се сочува споменот на историските настани кои се темел на самобитноста и историјата.

– Денес ги одбележуваме двата Илиндена, од револуционерното востание 1903 и Илинден 1944, првото заседание на АСНОМ во манастирот Прохор Пчински. Да бидеме обединети, да се чува споменот на историските настани и личности, кои нам ни го овозможија денешното слободно битисување и да бидеме ние светиот патоказ кон подобро утре на нашите идни генерации, рече Јовановски.

Делегација од Општина Крива Паланка предводена од градоначалникот Борјанчо Мицевски, денеска ќе присуствува на свеченото одбележување на Илинден во Крушево, на Мечкин камен.