Бизнис
20. February 2016 - 14:08

Со подобри вештини на невработените лица до вработување

Агенцијата за вработување на РМ во понеделник ќе објави нова мерка за побарувања на занимања на пазарот на труд. Станува збор за обука за вработување за над 640 лица при што Владата обезбеди буџет во вредност од 35 милиони денари за реализација на овие обуки, информира денеска заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, кој по тој повод ја посети текстилната компанија Окитекс, која што е успешен пример во однос на искористување на мерките и поволностите за вработување кое што ги реализира Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување и нуди сертифицирана програма за обука за побарувани занимања на пазарот на труд..

- Процесот на стекнување на работно место или самото барање на работа не е едноставен, но сепак невработените лица кои ќе учествуваат на овие обуки во реални работни простории во производствените капацитети кај работодавачите имаат значително поголеми шанси да се стекнат со работно место. Тие добиваат сертификат за завршена тримесечна обука во реални работни услови на машините и на опремата на која што се врши производство на која работат самите компании и на тој начин многу полесно и побрзо да стигнат до посакуваното работно место, а најчесто оние кои се најпосветени во текот на самата обука добиваат и работно место кај самите обучувачи во рамки на приватните компании, вели заменик министерот Спасов.

Изминатиот период, додаде тој, неколку тима составен од Министерството и Агенцијата за вработување во соработка со Министерството за образование и Центарот за стручно образование беа во посети на голем број македонски компании, при што успеале да сертицифираат над 110 програми за обука во реални работни услови во работни простории на приватни компании. Државната издвојува финансиски средства и за обучувачите, но и за невработените лица за покривање на основните трошоци за храна и превоз додека трае обуката, а по обуката овие лица се стекнуваат со сертификат и понатаму го продолжуваат процесот или на барање на работа или се здобиваат со работно место кај самите приватни компании.

- Би сакал да ги поттикнам сите невработени лица да ја искористат оваа шанса и да аплицираат на огласот за 32 програми за обука во приватниот сектор и да дојдат полесно и побрзо до посакуваното работно место, аплираше Спасов.

Директорот на АВРМ Влатко Поповски информира дека оваа програма веќе неколку години оди на пазарот на труд согласно барањата на компаниите. Од минатата година преку регистрирање на приватнни провајдери покрај училишните центри се обидуваме, вели тој, најпластично да ги обучиме оние идни работници со цел да го прифатат предизвикот и да имаат предзнаење, да бидат конкурентни и да добијат соодветна плата за тоа работно место.

- Од понеделник секој заинтересиран ќе може да се пријави на огласот на Агенцијата и да поднесе апликација за една од 32 понудени програми за обука. Дел од нив се распределени низ Република Македонија, дел се во Скопје. Со тоа што сите заинтересирани ќе бидат повикани на интервју, по интервјуто ќе склучат договор со Агенцијата за вработување и со провајдерот со тоа што наредните месеци по склучување на договорот тие ќе учат прво теорија и пракса и еден месец ќе имаат само пракса. Значи вкупно четири месеци ќе бидат ангажирани преку Агенцијата за вработување. За сите четири месеци тие ќе добиваат надоместок од 6.200 денари бруто вредност односно околу 5.300 денари нето со кои средства ќе ги надоместуваат трошоците за храна и превоз до местото на обука односно до едукативниот центар, вели Поповски.

Тој се надева дека по тие четири месеци најголемиот дел од овие лица ќе бидат или вработени во компанијата каде што ќе бидат обучувани или пак во компании слични на нив и со тоа да се придонесе за намалување на невработеноста.

- Ги повикувам сите заинтересирани како и за оние програми што претходно ги објавивме за наглуви, глуви и за слепи лица каде што веќе има 30 апликации, а се надевам дека ќе има уште повеќе бидејќи програмите се добри, рече Поповски.

Слободанка Алексоска од Центарот за вработување во Скопје додаде дека минатата година приватните компании како што е во случајов Окитекс која денека ја посетија има општествена одговорност и пред се обучува лица за потребите на пазарот на трудот, одоносно за потребите на Агенцијата за вработување при што добива материјален надоместок. Таа додаде дека истите тие лица понатака се апсорбирани најчесто кај работодавачот што ги обучил или пак се веќе доволно обучени за да отидат да работат кај друг работодавач од истата дејност. - По примерот на Окитекс сите тие лица кои тука поминале на обука се веќе вработени. Поточно десет лица само преку оваа мерка се вработени од евиденцијата на невработени лица на градот Скопје, рече Алексоска.

Таа ги охрабри и сите работодавачи коишто сакаат да се вклучат и да бидат сертифицирани провајдери на обука да се обратат до Агенцијата, која потоа ќе им помогне во целокупниот административен процес што побрзо да станат обучувачи во иднина за свои потреби и за потребите на пазарот на трудот.

Претставникот на Окитекс Розита Јованова Илчова истакна дека во јули 2015 година регистрираше тренинг центар наменет за обуки на невработени лица. Обуките траат четири месеци со тоа што кандидатите се стекнуваат со потребните знаења и вештини и се здобиваат со соодветен сертификат. Досега сите кандидати коишто имаат положено во Окитекс, а тоа се околу десетина ги имаме вработено. Имаме капацитет и во иднина да спроведуваме успешни обуки за невработените лица коишто сакаат да се стекант со овие знаења и вештини и да бидат дел од Окитекс. Според неа досега интересот на овие обуки е на некое минимално ниво, но се надева дека тој интерес ќе се зголеми.