Македонија
10. February 2020 - 16:51

Со новиот предлог закон за ЈО, бомбите по истечениот рок за обвиненија нема да се користат како докази

Бомбите заминуваат во историјата а со нив и дел од предметите на СЈО. Останатите, ќе ги преземе Јовески. Новиот предлог закон за јавното обвинителство влезе во собраниска процедура . Според него, незаконски прислушуваните материјали не може да бидат докази во предметите кои СЈО ги отвори по 30 јуни 2017 што значи дека обвинтиелството сега ќе мора да бара нов доказен материјал ако сака да истурка обвинение за серија предмети меѓу кои и Талир во кој се обвинува ВМРО-ДПМНЕ за незаконско финансирање но и предметот Попис во кој главен лик е лидерот на ДУИ Али Ахмети.

„Материјалите и транскриптите од материјалите од незаконски прислушуваните материјали за предметите покренати по 30 јуни 2017 година можат да се користат само како индиции и на нив не може да се заснова обвинителен акт или обвинителен предлог и истите не можат да бидат предложени и употребени како доказ во постапката по поднесениот обвинителен акт или обвинителен предлог.“ – стои во третиот став на членот 110 од новиот закон.

Незаконски снимки веќе нема да може да бидат ниту индиции за обвинтелството да отвори нова истрага. Тоа значи дека сите снимки кои СЈО не ги употреби до сега, веќе нема да може да се користат. Вака скроениот закон ќе му овозможи на обвинтиелството воопшто да не ги зема како докази ниту снимките кои евентуално би се појавиле во идинина

Според новиот закон, сите постапки кои до сега ги водеше СЈО ќе ги преземе Јовески и ќе ги распредели на јавните обвинители. Старо - новото обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое сега го води Рускоска ќе добие засилување на кадровските капацитети. Тоа ќе остане задолжено да ги гони најтешките кривични предмети како и оние поврзани со корупција од висок профил.
Јавниот обвинител и натаму ќе го избира Собранието со апсолутно мнозинство, само постапката ќе биде малку посложена но и натаму далеку од ослободена од политичко влијание. Новина е начинот на избор на шефот на обвинтиелството за гонење на организиран криминал кое сега го раководи Рускоска. Нејзиниот наследник ќе го избираат сите обвинители на непосредни избори кои ќе ги организира советот на јавните обвинители.

Согласно предлогот, законот ќе почне да важи од 30 јуни. За да биде изгласан, ќе биде потребно двотретинско мнозинство во Собранието