Бизнис
3. јуни 2019 - 16:34

Со нови вработувања платежната агенција ќе атакува за повеќе пари од ИПАРД

Со нови 48 вработувања во Платежната агенција државата ќе се обиде да ја подигне искористеноста на парите од ИПАРД. Ова уследи откако Европската комисија нотираше дека земјава многу слабо ги користи овие средства. Директорот Бабовски посочи дека 28 луѓе веќе се примени и оваа недела ќе почнат со работа, во следниот период ќе се бараат уште 20 работници, а Агенцијата на почетокот на годината веќе вработи 20 луѓе.

- Извештајкот е сосема реален, Агенцијата навистина треба сеуште да ги зајакне своите капацитети. Веќе исплатените 3 милиони евра покажуваат дека сме на добар пат, а имаме таргет до кртајот на годината да исплатиме 8,7 милиони евра, и со тоа навистина ќе го покриеме овој дел од извештајот. Извештајот е во фаза на очекувањата да се дозивршат исплатите“, вели Николче Бабовски, директор на Платежната Агенција.

Освен нов кадар, Платежната агенција ќе ги зголеми и деловните простории. Според министерот Николовски, во игра е обезбедување дополнителни, или сосема нови простории. Во однос на слабата искористеност на парите од ИПАРД, Николовски вели дека состојбата ќе се подобри откако ќе се исплатат големите проекти.

- Крупните проекти кои се веќе реализирани во овој период ги доставуваат барањата до Платежната агенција и таа слика сосема ќе се промени во следните месеци кога одеднаш ќе се исплатат крупните проекти, кои веќе се реализирани, но обврска на ЕК е да го нотира и напредокот, но и ризикот кој реално постои“, вели Љупчо Николовски, министер за земјоделство.

Надлежните се убедени дека до крајот на годината ќе се искористат сите 8,7 милиони евра кои се предвидени во ИПАРД 2 програмата. Денеска беше најавен нов повик за диверзификација на фарми и развој на мали бизниси. На земјоделците ќе им бидат достапни 8 до 10 милиони евра.