Македонија
26. May 2018 - 16:38

Со „Нон пејпер“ дел од земјите членки се протививат на предлогот Македонија да добие датум за преговори

Реформите се туку што започнати, државата останува заробена од политиката а институциите немаат капацитет да се справат со корупцијата која преовладува во многу области. Ова се клучните забелешки во неофицијалниот документ составен од неколку земји членки на Европската Унија со кој се констатира дека Македонија не е подготвена ова лето да ги почне предговорите за членство.

„Имплементацијата на новите судски реформи е “тукушто започната“ и треба долгорочен напредок и континуирана промена во однесувањето. Неопходни се повеќе напори за да се обезбеди регрутација врз основа на заслуги и деполитицизација на јавната администрација (“заробена држава“). Борбата против корупцијата и организираниот криминал се уште не даде задоволувачки резултати: и покрај поставената правна и институционалната рамка, корупцијата преовладува во многу области и продолжува да биде сериозен проблем, додека пак капацитетот на институциите за ефективно да се справат со корупцијата има покажано структурни и оперативни недостатоци, меѓу кои е и политичкото мешање“ – се вели во Нон-пејперот кој вчера го објави Макфакс и се додава дека Унијата на Македонија повторно треба да се наврати во пролет идната година.

Документот беше пречекан како студен туш во екот на засилената преговарачка агенда која во спорот за името ја туркаат македонската и грчката влада со посредство на медијаторот Нимиц. Иако во документот спорот за името никаде не се споменува, македонскиот вицепремиер за европски интеграции во изјава за Сител вели дека е убеден дека штом се надмине проблемот со Грција, Македонија ќе ги почне преговорите.

„Подолго време се знае дека во некои земји во членки на ЕУ преовладува мислење дека Европа пред да биде поголема треба да биде внатрешно поконсолидирана. Ние се согласуваме со тоа како што сметаме дека и ние треба да бидеме многу подобри пред да станеме полноправна членка.
Но тоа што е најважно е дека овие два процеса не се исклучуваат взаемно, туку напротив, треба да се одвиваат паралелно. Внатрешната консолидација на Европа и преговарачкиот процес треба да се одвиваат паралелно. Јас сум убеден дека ако го решиме спорот ќе добиеме датум“ – вели за Сител вицепремиерот Бујар Османи.

Државната информативна агенција МИА во текст во кој го пренесува ставот на македонската Влада повикувајќи се на неименувани извори јавува дека зад нон пејперот стојат Франција и Холандија кои различно гледаат на проширувањето за разлика од мнозинството земји членки кои според Владата во Скопје поддржуваат почеток на преговорите.

„Суштинските и коренити промени во земјата градат силни и услужни институции, праведна држава и силна економија за подобар живот на сите граѓани. Македонија е на вистинскиот пат, а темелните реформи се признаени од цела Европа и од сите земји-членки на ЕУ. Сите земји-членки на ЕУ сметаат дека Македонија треба да продолжи по овој пат и да го интензивира прогресот. За тоа говори и последната оценка на Европската комисија со која Македонија е оценета за најдобро рангирана во регионот на Западен Балкан и Турција за спроведување на препораките во економската програма за реформи,“ велат од Владата во текстот што го пренесе МИА.

Државната новинска агенција повикувајќи се на став на неименуван дипломат на западноевропска земја констатира дека мнозинството во Унијата не e загрижено за ваквиот документ и дека истите земји членки веќе подолг период со голема доза на резерва гледаат на процесот на проширување.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека не се изненадени од последната порака од Брисел. Партискиот потпретседател денеска на прес конференција рече дека Брисел само ги потврдува фактите дека во Македонија нема реформи, економијата тоне, а корупцијата е во неформален брак со власта и судството. Според него и со решен спор за името Македонија не може да се надева на влез во унијата

Македонија на средината од минатиот месец го доби Извештајот во кој Европската комисија му препорача на советот да ги отвори преговорите за членство со Македонија. Тоа беше седмата идентична препорака, а нон пејперот најавува дека ќе биде и со идентичен епилог како и претходните, бидејќи одлуките во европскиот совет се носат со консензус.