Македонија
25. April 2016 - 16:28

Со најновата владина мерка се заокружува циклусот на развивање современо сточарство, велат експертите

Со најновата владина мерка се заокружува цел еден циклус во сточарството - модернизација на фармите, набавка на приплоден материјал, подобрување на генетскиот потенцијал и повисоки приноси, на млеко, месо, волна,..., сметаат експертите.

Како што изјави денеска професорот Владимир Џабирски од Катедрата за сточарство при Факултетот за земјоделски науки и храна, државната поддршка од 80 проценти за набавка на квалитетен приплоден материјал за овци, кози и говеда, следствено, ќе се одрази и врз финансиските резултати на фармерите. 

Според Џабирски, ова е респектибилна сума средства за набавка на квалитетен приплоден материјал, овци, кози, говеда, која пополнува голема празнина во системот - обртниот капитал, уште една од политиките за развој на сточарството, комплементарна со останатите мерки, која воедно дополнува и други од програмите за финансиска поддршка и за рурален развој, како и од ИПАРД Програмата. 

- Во сите стратегиски документи на оваа Влада стои промена на генетскиот потенцијал што е прилично тешка задача со оглед на слабата кумулативност на сточарскиот сектор. Оттука, заедно со претходната мерка за специјализирани советодавни служби за фармерите, ќе имаме заокружена целина - од модернизација на фармите, набавка на приплоден материјал, подобрување на генетскиот потенцијал на добитокот, до повисоки приноси на млеко, месо, волна,.... Мерката, секако, ќе се одрази и на финансиските резултати на фармерите, потенцира професорот.

Подвлекувајќи го позитивниот ефект од оваа мерка, Џабирски посочи конкретен пример. - Кога од ИПАРД би се добиле средства за нови, современи фарми, фармерите, со оглед на слабата кумулативност и можности за вложување, остануваа без пари да ги гарантираат следните вложувања - набавка на квалитетен приплоден материјал, зашто ниту една програма тоа не го предвидува. Токму тука оваа мерка го наоѓа своето место, заедно со останатите мерки, појасни професорот. 

Финансиската поддршка од страна на државата за набавка на високо приносен добиток ќе почне да се применува од 1 јануари 2017 година преку Програмата за рурален развој. Максималната вредност на прифатливите трошоци ќе изнесува до 100 милиони денари со кои може да се купат максимум 100 крави или 1.000 високо приносни кози или пак 800 високо приносни овци. Средствата ќе се доделуваат како неповратна финансиска помош, а право на користење ќе имаат сите одгледувачи на добиток запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства. Набавката на добитокот ќе се врши од признати одгледувачи на добиток.