Македонија
17. February 2018 - 16:38

Со музички спектакл Шилегов отвори автобуска постојка, ВМРО-ДПМНЕ вели ова е за „верувале или не“

Со хитови на светски познати музичари, денеска во Скопје беше пуштена во уптреба старо-новата автобуска станица во ГТЦ. 

Автобусот на ЈСП со број 50, брендиран со слика од архитектот на ГТЦ, Живко Поповски, беше првиот кој пристигна на станицата. Покрај овој, уште девет други автобуси кои од денеска ќе се обраќаат на линијата со број 50, ќе застануваат на станицата во подрумот на ГТЦ.

Градските власти велат дека целта на ваквиот потег е повторно заживување на ГТЦ, бидејќи отстранувањето на станицата резултирало со намалување на прометот на дуќаните или нивно затворање.

Наместо нови асфатлирани улици, паркови и зелени површини, наместо нови водоводи и канализации градоначалникот Петре Шилегов срамно се фали со тоа што пуштил во употреба простор кој ќе биде автобуска станица во ГТЦ, реагираат од ВМРО ДПМНЕ.

Целиот овој настан спаѓа во рубриката верувале или не. Ќе му порачаме на градоначалникот Шилегов да ги засука ракавите и да започне со вистинска работа и проекти. Сигурно нема да го врати животот на ГТЦ како што тој вели со нова автобуска станица. Реалноста е дека за заживување на ГТЦ не е потребна автобуска станица, туку темелна реконструкција, се вели во соопштението од пратијата.

Засега на станицата во ГТЦ ќе поминува само линијата со број 50, бидејќи е ограничен бројот на нископодните украинските автобуси. Станицата за автобусите со број 57, кои во минатото исто така поминуваа низ подрумот на градскиот трговски центар, ќе остане кај “Жена Парк”.