Македонија
16. July 2018 - 16:21

Со мерни станици на граничниот појас државата ќе го мери увозот на загаден воздух

За прв пат ќе се собираат податоци за меѓуграничното загадување, а квалитетот на воздухот ќе го мерат мерни станици во Битола и Гевгелија. Овие мерни станици за прв пат ќе ја мерат и концентрацијата на тешките метали. Министерствата за животна средина на Македонија и Грција веќе го потпишаа договорот кој е во рамките на проектот за прекугранична соработка.

-Ќе биде поставена на границата мерната станица, ќе соработуваме двете министерства, бидејќи за жал во Македонија нема податоци за меѓуграничното загадување. Вие не можете да кажете дека во Скопје нема влијание од фабриките кои се на границата, а се само на десетина километри воздушна линија. А тоа е добро за да се формираат политиките и мерките кои ги преземате, изјави Јани Макрадули, министер за животна средина.

А токму пепелта од РЕК Битола е еден од загадувачите на воздухот во околните три општини. Директорот на РЕК Битола истакна дека денес ќе се избере изведувач на работи за прскање со вода и адитиви на пепелта што се одлага, а се работи и на проект со кој драстично треба да се намалат последиците од запрашувањето околу РЕК Битола, особено во ветровити денови.

-Сериозно се намалени површините кои се на одлагалиште, од над 30.000 метри квадратни, сега имаме само 5.000 метри квадратни, непокриени површини, со дополнителен ангажман на сопствена механизација, со правилен процес успеавме да го намалиме,. Има влијание последните неколку месеци во намалувањето на честичките во воздухот, изјави директорот на РЕК Битола, Васко Ковачевски. 

Макрадули најави дека до октомври, РЕК Битола треба да ја добие А интегрираната еколошка дозвола. После добивањето ќе се наметнат стандарди за постојано информирање на состојбата со загадувањето на воздухот.

Заменик министерот за животна средина денеска заедно со менаџментот на РЕК Битола имаа средба со невладините организации и претставници од општините Битола, Новаци и Могила на кој се презентираа еколошките проекти кои ќе ги спроведе РЕК Битола за намалување на загаденоста.