Македонија
1. October 2015 - 9:16

Со „Маратон Брамс“ почнува новата концертна сезона на Македонската филхармонија

Со концертот „Маратон Брамс“ вечер во Домот на АРМ почнува новата сезона 2015/2016 на Македонската филхармонија. Заедно со оркестарот, под водство на маестро Даниел Рајскин од Русија, како солист ќе настапи еден од најбараните пијанисти на денешницата, рускиот уметник Алексеј Володин.

На програмата се Концертот за пијано и оркестар бр.1 во д-мол и Концертот за пијано и оркестар бр.2 во Б-дур од германскиот композитор Јоханес Брамс.

Концертот „Маратон Брамс“ е специфичен и ексклузивен поради изведбата на два солистички концерта во една вечер, што е ретка практика не само кај нас, туку и во светот. Маестро Володин поседува исклучително широк, обемен репертоар, а се издвојува од останатите и по маратонските концерти, каков што беше случајот минатата година кога во театарот „Марински“ под наслов „Бетовен маратон“, кога ги изведе сите пет концерти на германскиот музички великан.

Познат по својот сензибилен допир на клавишите и техничката брилијантност, рускиот уметник Алексеј Володин (1977) денес е еден од најбараните пијанисти во светот, особено за настап со врвните симфониски оркестри. Володин поседува исклучително широк, обемен репертоар, дела од Бетовен и од Брамс, преку Чајковски, Рахмањинов, Прокофјев и Скрјабин, до Гершвин, Шчедрин и Капустин.

Володин е роден во Санкт Петербург, а пијано почнал да учи на деветгодишна возраст. Една година потоа, се преселил во Москва каде што студирал со Ирина Чаклина и Татјана Зеликман во руската музичка академија „Гнесина“, додека во 1994 година и на Московскиот конзерваториум со Елисо Вирсаладзе. Ги продолжил студиите на Меѓународната академија по пијано во Комо. Во 2003 година Володин ја освои Меѓународната награда на престижниот пијанистички натпревар „Геза Анда“ во Цирих. Оттогаш неговата светска кариера рапидно расте. Меѓу другите водечки оркестри со кои настапува, се и Њујоршката филхармонија и оркестарот „Тонхале“ во Цирих. Критиката за него е едногласна - Володин е еден од најдобрите пијанисти на денешницата. Тој е ексклузивен уметник на компанијата „Стенвеј“.

Маестро Даниел Рајскин (1970), син на познат музиколог, пораснал во Санкт Петербург, каде што музиката одиграла важна улога во неговиот живот. Во музичко училиште се запишал на шест години, а студирал виола и диригирање во славниот конзерваториум во родниот град. Неговиот учител Лев Савич го инспирира да навлезе во светот на диригирањето, а потоа Рајскин се усовршува со влијателни имиња, меѓу кои и Милан Хорват, Марис Јансонс и Нееме Јарви.

На 20 години ја напушта Русија продолжувајќи да студира во Амстердам и во Фрајбург, за набргу да стане еден од најбараните виолисти во Европа, како солист, но и како камерен музичар. Познат е како предводник на младата генерација музичари, ставајќи голем акцент на неговите толкувања за музиката што ги прави на мошне транспарентен начин, откривајќи ја структурата на едно дело до сите детали, наоѓајќи го поттекстот, вистинската рамнотежа на звукот и енергијата што тоа ја поттикнува кај изведувачите.

Познати се неговите ангажмани како диригент на опери, вклучувајќи ги и редовните настапи со „Кармен“ за Холандската компанија „Опера Цуд“ во режија на Каликсто Биеито (2006/2007) или „Нос“ од Шостакович во Државниот театар во Кобленц (2010). Рајскин соработува со врвни уметнички имиња како Иво Погорелиќ, Џулијан Рахлин, Миша Мајски, Ланг Ланг, Мидори, Даниел Милер-Шот,...