Македонија
15. November 2018 - 13:28

Со јапонска помош реновирани три здравствени установи

Со јапонска помош во висина од околу половина милион евра заврши реконструкцијата на Универзитетските клиники за гинекологија и акушерство и за дигестивна хирургија, како и на Институтот за белодробни заболувања кај деца – Козле.

Јапонската амбасадорка во земјава Кеико Ханеда денеска по посетата на трите установи изрази задоволство од добро и брзо завршената работа реализирана со Грант програмата за мали проекти со која досега во изминатите 25 години за подобрување на условите во здравството се обезбедени над два милиони евра.

Министерот за здравство Венко Филипче на заедничката прес – конференција изрази огромна благодарност до Јапонската амбасада за помошта.

– Ова се многу значајни проекти за нас, бидејќи значително го подобруваат и пристапот, но и квалитетот на услугата која таму се пружа. Ќе продолжиме и понатаму да работите заедно за заеднички да ги планираме нашите капацитети, да не се дуплираат нашите активности, а се во насока на подобрување на здравствената заштита во нашата земја, рече Филипче.

Вицепремиерот Бујар Османи, кој е национален координатор за странска помош рече дека помошта беше добро таргетирана, таму каде е најпотребна и навистина во краток временски период се овозможи не само трите клиники да добијат нов лик, туку ќе донесат и заштеди за клиниките бидејќи со реконструкцијата се обезбедува и енергетска ефикаснот.

Запрашан дали тој влијаел при изборот на дигестивна клиника како негова матична клиника, Османи рече дека му е задоволство што токму оваа клиника беше избрана за реновирање.

– Амбасадата сама ги одредува приоритетите. Сметам дека дигестивна клиника имаше потреба за вакво реновирање. Зградата во која е сместена е изградена во 60-те години. Ова е една од најфреквентните клиники во државата и најмногу даде отпор на притисокот на приватниот сектор и се уште го држи товарот од над 90 проценти на пациентитет кои се операираат од патплогија на дигестивната клиника. Оваа клиника заслужува уште повеќе, а тоа веќе е најавено и од министерот за здравство, рече Османи.

Вкупната помош од Јапонија за земјата од нејзиното осамостојување во сите области изнесува околу 420 милиони евра, рече Османи.