Македонија
16. July 2019 - 17:09

Со хеликоптер извлечено 15-годишно девојче од Селечка Планина кај Прилеп

Голема драма се одиграла во пазувите на Селечка Планина над Прилеп кога денеска со хеликоптер на МВР е извлечена 15-годишна девојка и е префрлена во прилепската Градска болница. Оттаму констатирале дека нема повреди ниту на телото ниту на главата, туку измрзнатини кои со терапија ќе бидат санирани.

Според Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола, изутрината во 7:44 часот од прилепската Противпожарна единица  било пријавено дека на местото викано „Чуле“ на Селечка Планина, 15 -годишната малолетничка од Прилеп со иницијали М.Д. паднала и, евентуално може да има повреди.

– Полицијата веднаш излегла на местото и бидејќи теренот бил недостапен, бил повикан хеликоптер на МВР кој брзо пристигнал и го извлекол девојчето кое било префрлено во прилепската Градска болница „Борка Талески“, информира Стаматова.

Според Драган Богоески, директор на прилепската болница девојчето нема повреди туку измрзнатини и доби соодветна терапија и е надвор од животна опасност.

– Девојчето е доведено околу пладне во свесна состојба. Констатирано е дена нема повреди, ниту скршеници и нема повреди на главата. Според тоа постапено е со затоплување, доби витаминска и антибиотска терапија. На набљудување ќе остане ден-два во болницата, изјави Богоески.

Петнаесетгодишната малолетничка и момче, за кое нема детали, цела ноќ поминале на планина. Наводно се упатиле синоќа накај планинарскиот дом на Селечка и ноќта ја поминале на отворено на нестабилното дождливо и ветровито време. Изутрината кога сакале да се вратат, девојката паднала и мислејќи дека се повредила, повикани се противпожарната единица и прилепската полиција, а потоа, поради непристапниот терен, повикан бил хеликоптер на МВР.

Од полицијата каде работат на расветлувањето на случајот, не соопштуваат други детали за настанот кој можел да биде кобен за младите.