Македонија
9. November 2019 - 16:39

Со гориво од агро отпад ќе се загрева градинката во Новаци

Вегетацијата во речните канали ќе се трансформира во гориво кое ќе се користи за загревање на градинката, амбулантата и дел од Младинскиот културен центар во Новаци. Ова е дел од ИПА проектот за меѓугранична соработка со Грција кој го реализира Општина Новаци со Агенцијата за поддршка и развој на земјоделието од македонска страна и тројца партнери од грчка страна. На овој начин, со чистењето на речните корита ќе се заштитат од поплави, но и ќе се намали аерозагадувањето, со користење алтернативни извори на енергија. Анализите покажале дека во каналските мрежи има повеќе од она што им е потребно за да се балира и да се користи како гориво.

 -Општина Новаци во делот на овој проект ја има набавено потребната механизација за собирање на биомасата од каналите и речните корита и каналите, остана да се набави уште котелот. Се планира напролет котелот да биде монтиран и ставен во употреба. Со ова сакаме да покажеме дека не само дрвото, јагленот и нафтата се гориво за загревање, туку и биомасата која ќе ја собираме, ќе ја сушиме и ќе ја балираме ќе ја користиме како гориво за загревање и со тоа сакаме да покажиме дека постојат и други алтернативни извори кои не ја загадуваат животната средина, изјави Љубе Кузмановски, градоначалник на Новаци. 

Се иницира и формирање кластер за биомаса во пелагонискиот регион со помош на кластерот кој веќе постои во Грција, за потоа меѓу овие два кластера да се потпише меморандум за меѓународна соработка.

-Процесот на карбонизација е многу жешка тема во Европа а особено во Грција, до 2028 година сите фабрики за олово мора да се затворат во Грција. Затоа мора да најдеме решение и сметаме дека биоенергијата е дел од тоа решение. Создавањето на биоенергијата е со употреба на биомаса  и локални компании и затоа создавањето на кластер е битно, истакна Јанис Фалас, директор на кластерот од Грција.

Проектот завршува на крајот на мај наредната година.