Бизнис
25. November 2020 - 8:34

Со фокус на здравјето предлог – буџетот влезе во Собранието, за власта реален, за опозицијата огромен и неразвоен

Здравјето, здравата економија и здрави финансии и општество воопшто се во фокусот на буџетот за 2021 година, кој од вчера е пред собраниската Комисијата за финансирање и буџет, а може да трае најмногу десет работни дена. За министерот за финансии Фатмир Бесими кој го образложи предлогот буџетот е реален,  заслужува конструктивна дискусија базирана на аргументи и очекува да биде поддржан од сите пратеници. За мнозинството, Буџетот е континуитет на одговорните, домаќински политики на Владата предводена од СДСМ, а за опозицијата огромен, нереален и неразвоен. 

„Здравје“ е клучен збор за предлог-буџетот за 2021 година, бидејќи она што е најважно и најприоритетно е  здравјето на граѓаните, здрава економија и здрави финансии и општество воопшто. Ова го посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими кој го образложи Предлог-буџетот за 2021 година вчера на почетокот на расправата пред матичата Комисијата за финансирање и буџет.

Според минисерот, буџетот во 2021 година има три основни цели зајакнување на финансирањето на системот на здравствена заштита и зачувување на здравјето и животите на граѓаните, поддршка на економската стабилизација и поставување на темелите на солидно економско заздравување и забрзан раст, како и непречено финансирање на основните функции на државата и поддршка за реформите во правосудството и евро-атлантските интеграции.

Новина, како што потенцира Бесими, е неговата петгодишна рамка 2021-2025 и покрај предизвиците и непознаниците што ги носи кризата предизвикана од Ковид-19 и се заснова на АБЦ-то на овие три среднорочни платформи: Фискална консолидација 2021-2025 година, Попаметен раст 2021-2025 стратегија за закрепнување на економијата и одржлив раст и План за јавни инвестиции 2021-2025 година.

– Нашата главна цел е, на среден рок да го забрзаме економскиот раст од 2-2,5 отсто што била во последната деценија на 4-5 отсто просечен годишен раст во следните пет години, притоа да постигнеме фискална консолидација за да обезбедиме одржлив и инклузивен раст, рече Бесими.

Тој ги наведе мерките и активностите преку кои ќе се спроведе економско заздравување и забрзан раст, потоа ќе следат политики за забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, ќе се работи и на зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, како и на инвестициите во човечки капитал. 

Клучни елементи на фисклната политика за поддршката на макроекономската стабилност, забрзување на еконмскиот раст, а со тоа и зајакнување на потеницијалот за раст на домашната економија ќе бидат фискалната консолидација и редизајнирањето на буџетската политика во наредниот период. 

Предлог буџет за министерот е реален, кој ги лоцира приоритетите и ги алоцира средствата на граѓаните онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.

– Наредната фискална година се карактеризира со се уште присутната непредвидливост околу времетраењето и интензитетот на здравствената пандемија во глобални рамки, импликациите врз буџетот и економијата во целина и потребата од поставување основа за солидно економско заздравување и забрзан раст. И покрај присутните ризици поврзани со здравствената криза, а земајќи ги предвид досега реализираните четири пакети на економски мерки, со проекциите во Буџетот за 2021 година се очекува да се обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да закрепнат одредени дејности, да се обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да се обезбедат политики кои и понатаму ќе помогнат за спроведување на брза излезна стратегија со цел продолжување со позитивните трендови на македонската економија, рече министерот Бесими. 

Вкупните приходи на Буџетот на Република Македонија за 2021 година се планирани на ниво од 212,6 милијарди денари и истите се за 8,3 отсто повисоки во однос на вториот Ребаланс во 2020 година, додека расходите се планирани на ниво од 247,5 милијарди денари или за 2,1 отсто пониско во однос на вториот Ребаланс 2020 година. Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит на ниво од 4,9 отсто од планираниот БДП или во апсолутен износ од 34,9 милиони денари или за 3,6 процентни поени понизок во однос на проектираното со вториот ребаланс од 2020.

Планираниот дефицит, според министерот, е во согласност со определбата за фискална консолидација, пропратена со натамошна буџетска дисциплина и обезбеден фискален простор за поддршка на домашната економија и граѓаните и реализацијата на инфраструктурните проекти.

На расходната страна обезбеден е значителен износ на средства за потребите на Министерството за одбрана како предводник на реформските активности на Република Македонија како земја членка на НАТО. Планираниот износ на средства ќе придонесе кон реформи во одбранбениот сектор согласно НАТО стандардите, модернизирање и опремување на АРМ, професионална подготовка на припадниците на АРМ и реализација на Среднорочниот план за развој на одбранбените способности.  Планирани се 5,16 милијарди денари за справување со ковид-кризата, од кои 2,11 милијарди денари преку Министерството за труд и социјална политика за социјални надоместоци за оние кои ќе ја загубат работата поради ковид-кризата и други мерки, додека 3,05 милијарди денари се планирани за бафер, за една сигурносна мрежа која ќе се искористи согласно развојот на ситуацијата со ковид-кризата. 

Тековните расходи се планирани во износ од 224,6 милијарди денари или за 3,9 отсто помалку во однос на планот за 2020 година, а се наменети за редовна исплата на плати на вработените во јавниот сектор, навремена и редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални надоместоци, исплата на субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности, како и поддршка на здравствениот сектор.

За исплата на плати се проектирани 31,4 милијарди денари,  за стоки и услуги се проектирани 21,3 милијарди денари, за набавка на лекови за третман на ковид-19 и набавка на вакцини спроведување на локалните избори и пописот во 2021 година, како и исполнување на НАТО стандардите. За тековните трансфери и субвенции се планирани 162,4 милијарди денари и се оденсуваат за социјалните трансфери кои се проектирани во износ од 120,6 милијарди од кои за исплата на пензии се 62,3 милијарди денари за социјална заштита на најранливите слоеви на населението наменети се средства во износ од 10,5 милијарди денари предвидени се и субвеции во земјоделството и за приватниот сектор.

Капиталните расходи за 2021 година се планирани на ниво од околу 23 милијарди денари или за 20 отсто повисоко во однос на планот за 2020 година, наменети се за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.

 – Кај капиталните расходи е важно да се нагласи дека се преземаат мерки за подобрување на нивната реализација. Еден од начините е воспоставување на механизам за „казнување и наградување“ на буџетските корисници преку прераспределба на буџетските средства во текот на буџетската година – од оние со слаба кон оние со поголема реализација на капиталните расходи.Така буџетските корисници се задолжени со завршување на првото тримесечје да реализираат најмалку 15 отсто од проектираните капитални расходи, со вториот најмалку 40 отсто, со третиот најмалку 65 отсто, согласно законот за извршување на буџет 2021. Од оние кои нема да ги реализираат средствата, истите ќе бидат насочени онаму каде има подобра реализација, потенцира Бесими.

Министерот наведе дека во рамки на проектираниот дефицит од 34,9 милијарди денари,  отплатата по основ на главница на надворешен долг во износ од 37,2 милијарди денари и отплатата на домашен долг во износ од 6,1 милијарди денари ќе се финансираат преку задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност. Отплатата на главница по основ на надворешен долг го вклучува редовното сервисирање на обврските по надворешниот долг, додека отплатата на домашен долг ги опфаќа: отплати на државни обврзници во износ од 4,7 милијарди денари и отплата на структурни обврзници во износ од 1,4 милијарди денари.

 Домашното задолжување е предвидено на ниво од 23 милијарди денари, а ќе се обезбеди преку задолжување со ДХВ.  Задолжувањето во странство може да се реализира преку издавање на Еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал и преку повлекување средства од поволни кредити од странски финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти. Притоа, изборот на извор за финансирање ќе се темели на поволните тековни состојби на меѓународните пазари на капитал. Со цел да се управува прудентно со јавните финансии, Министерството за финансии ќе ја разгледа можноста за активно управување со должничкото портфолио преку операции на предвремен откуп на долг.

Согласно со проекциите на Министерството за финансии, државниот долг на крајот на 2020 година ќе забележи благо намалување и ќе изнесува 51,2 отсто, додека јавниот долг ќе изнесува 60,8 отсто.

Преземените и планираните политики и мерки, за министерот за фианансии, ќе доведат до забрзување на економскиот раст во наредниот период и ќе го зголемат потенцијалот на раст во домашната економија преку инвестиции во инфраструктурата, енергетиката, животната средина, човечкиот капитал и дигитализацијата.

Министерот смета дека Предлог-буџетот заслужува конструктивна дискусија базирана на аргументи и очекува да биде поддржа од сите пратеници. 

За Јован Митревски од СДСМ Предлог-буџетот е континуитет на одговорните, домаќински политики на Владата предводена од СДСМ. –Со него е предвидена  уште посилна поддршка на здравствениот систем и уште поголема помош за домашната македонска економија, рече Митревски.

За Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ буџетот е строго партиски, а не народен и граѓански.

-Овој буџет покажува дека СДСМ не планира да ја помага економијата, не планира да го помогне реалниот сектор и граѓаните, не планира и не знае како да се справи со катастрофалните последици од КОВИД кризата која ја зафати Република Македонија,  но затоа гледаме дека многу добро знае како да не задолжи уште повеќе врз грбот на граѓаните, истакна Мицевски.

На Предлог-буџетот се поднесени  528 амандмани, најмногу 390 од ВМРО-ДПМНЕ, останатите од Алијанса за Албанците и Алтернатива.