Македонија
21. March 2019 - 15:14

Со флеш моб одбележан Денот на лицата со Даунов синдром

Денот на лицата со Даунов синдром (21 март) беше одбележан во Струмица со флеш моб на кој учествуваа околу илјада деца од градинките, основните училишта, посебното училиште од Ново Село и деца штитеници на Заводот за заштита и рехабилитација во Бања Банско.

Сите облечени во бело, заедно играа на светски познатиот хит „A ram sam sam“ од Gasca Zurli и ја испратија пораката дека „Светот е поубаво место за живеење кога се имаме едни со други“.

Според Анче Туфекчиева од Здружението „Вера“, организатор на настанот, од 2012 година секоја година го одбележуваат овој ден со различни содржини. Годинава одлучиле да организираат флеш моб и на тој начин вклучиле поголем број деца.

– Оваа година идејата ни беше многу едноставна. Решивме да биде помасовно, бидејќи се пријавија и училиштата од општината. Очекувавме 500-600 деца, но имаше околу илјада. За нас родителите, кои имаме дете со Даунов синдром, 21 март е втор роденден на детето, бидејќи со здружени сили праќаме една порака дека овие деца се тука. Се надевам дека ја подигаме свеста, се бориме за инклузија, а Струмица е средина во која се добро прифатени децата со Даун и се вклучени во редовното образование, што е желба на секој родител кој има дете со попреченост, рече Туфекчиева.

Децата нацртаа големо срце, а потоа плоштадот „Гоце Делчев“ беше обоен со разнобојни креди.