Македонија
27. October 2015 - 15:53

Со донација од Ротари клубот подобрени условите за работа во Народна техника Кавадарци

Со донација од Ротари клубот, подобрени се условите за работа во Народна техника во Кавадарци. Реконструирани се просториите по 38 години од нивната изградба, а обезбедена е и нова опрема. Инвестирани се околу 700 илјади денари.

- Со ова реновирање кое е прво по изградбата на Народна техника, оваа организација ќе продолжи и понатаму да ја извршува својата дејност за развој на техничката култура преку обуката на млади кадри. Во Народна техника многу млади луѓе ги изучуваат техничките науки. Голем дел од поранешните членови се сега професионалци, изјави Марјан Тодоров, претседател на Народна техника.

Драги Јованов од Ротари клубот изрази надеж дека донацијата ќе биде од корист пред се за младите луѓе. 

- Мислам дека тоа ќе биде од корист пред се за младите луѓе за да можат паметно и добро да го трошат своето слободно време, не само за развој на техничката култура, туку и воопшто на културата, односите меѓу себе, да си најдат едноставно место во општеството. Народна техника треба да има свое место во развојот на техничката култура и не само на неа, туку и за развој на младите, рече Јованов.

Тој напомена дека соработувале и со локалната самоуправа од каде и во иднина очекуваат поддршка и продолжување на активностите.

Младен Марковски, секретар во Народна техника, информираше дека донација во овој проект добил Радио клубот, вредна неколку илјади евра. 

- Можам да кажам дека сме единствен Радио клуб во Македонија кој има добиено нова опрема. Скоро сите купуваат половна опрема која е склона на расипупвање, додаде Марковски.