Македонија
25. јуни 2021 - 12:48

Со часови гори градската депонија во Дебар, градот во запоседнат од чад и смрдеа

Од синоќа гори градската депонија во Дебар, а чадот и тешката смрдеа се протегаат по целиот град.

Во гаснењето се вклучени Територијалната противпожарна единица, како и вработените во Јавното комунално претпријатие „Стандрад“ со сопствена механизација.

-Пожарот е забележан еден час пред полноќ. Зафатена е поголема површина. Наши две екипи со возила се вклучени во гаснење на пожарот, рече за МИА, Џетан Мифтароски, командир на дебарската територијална противпожарна единица.

Ова не е првпат депонијата да гори. Тоа се случи  неодамна, кога причина, според одговорните во „Стандрад“ биле високите температури.

-Дали и овојпат причина се високите температури или во прашање е човеки фактор не знаеме. Екипа од Одделението за внатрешн работи беше на увид, нашите вработени и пожарникарите прават се истиот да се изгасне, изјави за МИА, Бурим Каба, директор на ЈКП„Стандрад“.

Граѓаните се крајно револтирани затоа што чадот и смрдеата го имаат „запоседнато“ градот.

-Не се дише. Низ градот не може да се помине а  дома седиме со затворени прозорци.  Причина, повеќе од сигирно е човечки фактор. Потпалена е во доцните вечерни часови, зашто да се случеше во текот на денот можеби ќе можеше да се каже дека е од високите температури, сметаат дебрани.

Градската депонија се наоѓа на излезот од Дебар, на патот кој води кон бањскиот локалитет Бањиште и граничниот премин „Блато“.

Од средината на минатата година на градската депонија поставени се безбедносни камери, оградена е со бетонска ограда, а на влезот е поставена рампа.