Македонија
22. February 2017 - 16:09

Со целосно недоличен речник и вулгарни зборови, Катица Јанева и Фатиме Фетаи упатија директни навреди кон судијката

„Вие немате елементарно познавање на правото и не заслужувате да бидете судија“. Со овие зборови специјаните обвинителки Катица Јанева и Фатиме Фетаи упатија директни навреди кон судијката која го води процесот за немирите пред Општина Центар и го попречија денешното рочиште. Поради недоличното однесување и постојано дофрлање двете обвинителки беа казнети со по 2.000 евра, но заканите не застанаа тука. Со арогантен тон специјалната обвинителка Фетаи возврати дека паричните казни не се проблем за Специјалното обвинителство бидејќи истите ќе бидат платени од нивниот годишен буџет, односно со пари на граѓаните. За одбраната ваквото недолично однесување е скандалозно и досега не видено во судската пракса, особено од страна на јавни обвинители, а единствената цел е да се попречува работата на судот.

Поради хаосот кој настана во судницата, судот одлучи предметот да биде испратен до Советот на јавни обвинители како единствено тело надлежно да се произнесе околу однесувањето на специјалните обвинителки, а следното рочиште да се презакаже за 10 март. Фетаи и на оваа одлука реагираше арогантно со став дека за да присуствува на рочиштето ќе треба да го откаже прегледот на стоматолог. Ваквото недолично однесување кон судот специјалните обвинителки се обидоа да го оправдаат со тврдење дека записникот од минатото судење не бил точно и целосно напишан, а тие ги бараат аудио снимките за да го докажат тоа.

По денешното судење реагираше и Кривичниот суд, од каде велат дека во досегашното 72 годишно постоење на судот не се памети вакво однесување и непочитување на Јавен обвинител во судница.

Специјалните обвинителки Катица Јанева и Фатиме Фетаи во присуство на јавноста, покажаа каков е нивниот однос кон судската власт во државата, однесувајќи се  дрско,крајно непрофесионално, злоупотребувајќи го правото на збор и погазувајќи го секој принцип од кодексот на јавно обвинителска етика.

Судечкиот судија мирно и достонинствено како што доликува на вршител на судската власт, на записник го нотираше секој збор и навреда упатена кон неа лично како судија и судот пред кој се води постапката, при што за ваквото однесување повеќе пати ги опомена јавните обвинителки, како странка во постапката, да се воздржат од навреди и да постапуваат во рамките на професионалната етика. Но и покрај опoмените истите не престанаа да навлегуваат во збор на судијата, да го навредуваат, а со тоа да го нарушуваат редот во судницата и да не дозволат судијата непречено и сконцентрирано да слуша што се зборува во судницата и да го води записникот кој меѓудругото се доставува и до самите обвинители.

Но, тоа не беше доволно да се спречи очигледната намера на обвинителките да ја исполнат нивната цел денес како што и самите изјавија  да одглумат некаква улога, а истото дрско го препорачаа и на судијата да учи од нив како се глуми и да одглуми непристрасен судија, се вели во соопштението на Основниот суд Скопје 1.