Македонија
5. January 2019 - 19:36

Со берење бадникарски гранчиња започнаа подготовките за Бадник во Ранковце

Со берење бадникарски гранчиња во месноста Ветуница во атарот на општина Ранковце попладнево, започнаа подготовките за прославата на Бадник во оваа општина, информира градоначалникот на Ранковце, Ивица Тошевски.
 
Традиција е на овој локалитет е во присуство на градоначалникот, дел од општинската администрација и месното население да бидат собрани бадникарски гранчиња кои утре во црквите во општината ќе им бидат поделени на верниците.
 
-Утре рано наутро, по литургијата, ќе ги даруваме коледарите кои ќе наминт во домовите и ќе посакаат бериќетна година, додека централнатана прослава на големиот христијански празник Бадник ќе се одржи во 16 часот на платото пред зградата на локалната самоуправа, каде во духот на христијанството годинашниот кум, среќникот кој минатата година ја пронајде паричката, Мирослав Додевски, ќе подготви лепчиња со паричка за сите присутни жители на општината, рече Тошевски.
 
Општината  во координација  со свештенството од Македонската православна црква- Кривопаланечко архиерејско намесништво ќе приреди и пригодна прослава, со топол чај и атмосфера на сплотеност во името на верата и добрината.
 
Вечерва симболично коледарски огнови беа запалени во селата Радибуш, Герман и Опила.