Бизнис
7. May 2021 - 10:37

Со 46,5 милиони долари од Светска банка ќе се реализираат два проекти значајни за економскиот развој на земјата

Со 46,5 милиони евра обезбедени од Светска банка ќе бидат реализирани два проекта значајни за економскиот развој на земјата. Станува збор за проекти за енергетска ефикасност во јавниот сектор и за унапредување на основното образование кои се дел од четиригодишната рамка за партнерство со Светска банка, вреден 420 милиони долари.

Договорите за двата проекта се неодамна потпишани. Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор е во вредност од 25 милиони евра, а проектот за унапредување на основното образование е вреден 21,5 милиони евра.

Рокот на отплата на овој заем е 11 години, со вклучен грејс период од 3 години и каматна стапка од шестмесечен ЕУРИБОР со варијабилен распон.

Во рамки на првиот проект ќе се одвојат средства за енергетска ефикасност на јавни објекти како што се општински згради, згради на централна власт и јавно осветлување, како и за техничка помош за формирање на Фонд за енергетска ефикасност и за почетен капитал за Фондот. Средствата наменети за вториот проект ќе бидат насочени кон инвестиции во училишната инфраструктура, зајакнување на компетенциите на наставниот кадар и за реформата за следење и оценување на националниот прогрес во учењето, која има за цел развивање на програма за државно тестирање.  

Според министерот за финансии Фатмир Бесими, вакви проекти кои имаат силна развојна компонента се од големо значење, особено во услови кога се соочуваме со ефектите на Ковид-19 кризата врз економијата.

– И едниот и другиот проект се во насока на постигнување на СМАРТ-раст или „Попаметен раст“, преку вложување во подобрување на ефикасноста и инвестиции во креирање на додадена вредност преку унапредување на човечките ресурси, истакна Бесими на денешната прес-конференција во Владата.

Најави дека во собраниска процедура се уште два проекта од Рамката за партнертсво со Светска банка. Едниот за модернизација на земјоделството во вредност од 46 милиони евра и дополнителни 37 милиони евра за локални патишта. По усвојување на законите од страна на Собранието, ќе бидат потпишат и овие договори со што ќе се започне нивната имплементација.

Четиригодишната рамка за партнерство со Светска банка е насочена кон креирање конкурентна економија и инклузивен и одржлив раст на земјата. Во изминатите три децении, Светска банка има финансирано проекти во вкупна вредност од над 2,5 милијарди долари.