Снегот и ниските температури нема да им наштетат на земјоделските култури | Сител Телевизија
Македонија
22. March 2018 - 10:35

Снегот и ниските температури нема да им наштетат на земјоделските култури

 Врнежите од снег и падот на температурите што ја зафати Македонија нема да предизивкаат позначителни оштетувања кај земјоделските култури, вели Анѓелко Анѓелески, агрометеоролог од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

- Оптимист сум бидејќи температурите не се катастрофални, а добра околност е што не се очекува и нагло разведрување и затоплување. Во земјоделските региони температурите се околу нулата или се позитивни така што нема да предизвикаат посериозни последици. Снегот се задржува на овошките и единствено може да предизвика кршење на гранките, изјави Анѓелески за МИА.

Тој препорачува да се истресе снегот од гранките на овошките.

- Најизложени на промените на времето се овошките, бидејќи се расцветани, но под снегот кој се задржува на гранките цветот е заштитен и е со позитивна температура. Единствено кај  раните сорти на сливи, праски и кајсии може да дојде до проретчување на родот, но не и до целосно уништување, потенцира Анѓелески.

Во почвата, посочува, од досегашните врнежи има многу вода, особено во некои делови од Пелагонија.

- Дополнително количество на вода во почвата ќе има во текот на наредната недела кога ќе почне да се топат снеговите, бидејќи од недела се очекува постепено затоплување, посочи Анѓелески.