Бизнис
25. October 2019 - 16:34

„Снајди се со стручно“ – кампања за популаризација на средното стручно образование и занимања

Подобрување на имиџот и репутацијата на средното стручно образование и занимања и мотивација на младите да градат кариера во овој сегмент, е целта на кампањата  „Снајди се со стручно“, промовирана денеска во Средното градежно и гимназиско училиште „Здравко Цветковски“ во Скопје.

Кампањата ќе се одвива до мај следната година и опфаќа видеа кои ќе се реализираат преку различни комуникациски алатки вклучувајќи и видео пораки што ќе се споделуваат на традиционалните медиуми и на социјалните мрежи.

Премиерот Зоран Заев по повод кампањата истакна дека новите модели на стручно образование се практикуваат во пет пилот општини каде младите луѓе уште во средното образование се квалификуваат и насочуваат согласно со потребите на пазарот на трудот.

-Со поддршката од партнерите и нашата Агенција за вработување и капацитетите  што ги имаме се обидуваме да го фатиме чекорот со тоа што го прават една Германиј, Швајцарија, САД или Австрија со конечна цел да имаме поголема вработливост на младите, да бидат квалификувани за работата која ќе ја извршуваат, а со тоа и бизнис секторот да има веќе квалификувана работна сила. Без тоа, недостигот од квалификувана работна сила, ќе биде кочница на развојот. Верувам дека сме на вистинските чекори. На тоа е посветена Владата и најдиректно МОН, МТСП во кои сакаме да ја постигнеме конечната цел, а тоа е уште поголема соработка со приватниот сектор кој треба уште повеќе да ги отвори вратите. Дел од иднината на севкупниот економски раст и развој на нашата земја е токму преку средното стручно образование, рече премиерот Заев.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми посочи дека за да може образованиот систем да одговори на потребите на пазарот на трудот, неопходни се темелни реформи кои опфаќаат и воведување на концептот на дуално образование со кој се овозможува учење преку работа, односно повеќе пракса за учениците. За таа цел со реформите во двегодишното, тригодишното и особено во четиригодишното средно стручно образование креирани се повеќе од илјада модуларни програми согласно со барањата на бизнисите.

На промоцијата се обратија и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, амбасадорката на Швајцарија Симил Суетр Техада и претставникот на УСАИД Ерик Јановски, кои со другите гости имаа можност да ги посетат кабинетите со настава по стручните предмети.

Кампањата е поддржана од УСАИД, УНДП, Швајцарската амбасада во земјава, Меѓународната организација на трудот, а соработуваат и МТСП , МОН и Агенцијата за вработување.