Свет
17. September 2018 - 9:05

Смртоносниот ураган уби 17 лица, бројот на жртвите расте: Цели градови се отсечени од светот, најлошото допрва доаѓа без струја и вода

Најмалку 17 лица го загубија животот во налетот на ураганот Флоренс, кој на Северна и Јужна Каролина им донесе пороен дожд, поплави и силни ветрови.

Повеќе од 640 илјади жители се без струја. Градот Вилмингтон во Северна Каролина целосно е отсечен од светот поради поплавите, а официјалните лица побараа помош од полицијата и од националната гарда. Патиштата до градот се непроодни. Вилмингтон има 120 илјади жители.

Ураганот ослабна до ниво на тропска бура, но останува опасноста од поплави поради зголемено ниво на водостојот на реките.

Американски медиуми јавуваат дека во следните денови се можни најголеми поплави во историјата на Северна Каролина. Во градовите Њу Берн и Џексонвил од поплави се спасени повеќе од 900 луѓе. Потенцијалната штета е во распон од десет до 60 милијарди долари.