Македонија
30. January 2019 - 18:24

Смртоносната бактерија ,,МРСА‘‘ пронајдена кај вработен на стоматологија

Опасната МРСА најдена кај вработен на стоматологија. Бактеријата најверојатно ја добил за време на сезонска работа во соседството. Имал рани на рацете кои тешко заздравувале.

 Вработениот забен техничар во Стоматолошкиот клинички центар минатата недела сам побарал да му бидат направени испитувања дали ја има опасната МРСА.

Во понеделникот резултатите од анализите направени на Институтот за микробиологија покажале присуство на бактеријата која е отпорна на повеќе антибиотици. Тогаш забниот техничар го информирал менаџментот на Стоматологија и заминал на боледување.

Од Стоматолошки клинички кој денеска работеше вообичаено преку соопштение информираа дека кај останатите 300 вработени нема симптоми на МРСА. На сите ќе им биде направен вонреден санитарен преглед. Уверуваат дека нема простор за паника кај пациентите.

-Состојбата е под контрола, преземени се сите мерки за дезинфекција и изолирање на бактеријата. Превентивно, направена е комплетна дезинфекција на просториите на катот каде вработениот работел, а во тек е дезинфекција и на сите простории,  се вели во соопштението од Стоматологија.

Инспекциски надзор во установата утрово направиле и од ДСЗИ. Од таму ја исклучуваат можноста за ширење на бактеријата меѓу вработените и пациентите.

-Затоа што забните техничари работат исклучиво со ракавица, изјави д-р Ирина сотирова Бухова, директор на ДСЗИ.

Забниот техничар не смее да се вртати на работа се додека не добие  негативни резултати за присуство на бактеријата.

Инаку МРСА  е бактерија од групата на стафилокока и е резистентна на повеќе антибиотици, тешко се лекува, а кај пациенти со намален имунитет може да предизвика сериозни компликации, па дури и смрт.