Свет
13. January 2021 - 9:31

Смртноста во Велика Британија најголема од Втората светска војна

Велика Британија забележа најголем пораст на прекумерни смртни случаи во земјата од 1940 година за време на Втората светска војна.

Минатата година во Велика Британија имало околу 697.000 смртни случаи, речиси 91.000 повеќе од предвиденото врз основа на просекот во претходните пет години. Бројката не го опфаќа морталитетот во декември 2020 година, бидејќи податоците се достапни само заклучно со ноември.

– Велика Британија има една од највисоките стапки на прекумерна смртност во светот и повеќе смртни случаи на еден милион луѓе отколку повеќето други европски земји или САД, истакна Ричард Мари, генерален директор на здравствената хуманитарна организација Фондот Кингс.

Мари порача дека „е потребно да се спроведе јавна истрага за точно да се утврди во што е проблемот за таквата состојба, но грешките се веќе направени“.