Македонија
8. August 2018 - 16:15

Случајот во гевгелиската градинка не е единствен - во статистиката на МТСП има 11 вакви случаи за една година

Дете од Крива Паланка малтретирано во градинка, воспитувачка претепала дете во Штип. Ова се дел од случаите низ државата кои сведочат за односот на негувателките во градинките низ државата од почетокот на годинава. Според податоците од Министерството за труд и социјала, во претходните 19 месеци на нивна адреса пристигнале 11 поплаки од родители чии деца се згрижени во градинка. Најчесто се жалеле на односот на воспитувачките.

„Наводите во претставките од родителите биле по различни основи: повреда помеѓу деца, повреда од страна на вработен во установата и недолично однесување на вработените кон децата“, информира Труд и Социјала.

Од министерството додаваат оти сите случаи се истражуваат, а инспектори наложиле одговорните да ги проверат забелешките од родителите.

Состојбата во градинките ја следи Народниот правобранител. Очекува освен препораки, труд и социјала да поведе и санкции за вработените кои несоодветно се однесуваат со децата.

И психолозите предупредуваат за состојбите во градинките. Бележат зголемување на пријавите од родители што се жалат од односот на негувателките.

Инаку надлежните трет ден немаат одговор зошто негувателката од гевгелиската градинка користела навредливи зборови за децата кои плачат. Министерството за труд и социјала побара директорката на установата да го истражи случајот. Првиот човек на институцијата пак сеуште молчи какви мерки се превземаат за расфетлување на случајот.