Македонија
15. August 2019 - 16:10

Случајот ,,Рекет‘‘ со инволвирање на обвинители од СЈО ќе го отежне договорот за Законот за обвинителство

Новообјавените снимки за Рекет ќе го отежнат договорот за статусот на СЈО. Нова средба помеѓу власта и опозицијата за законот за јавно обвинителство ќе се одржи во текот на следната недела, но ВМРО-ДПМНЕ ги заострува ставовите. Велат дека овој  очигледно компромитиран состав  на СЈО не смее по автоматизам да биде префрлен во државното обвинителство.

Правниот тим на ВМРО-ДПМНЕ е спремен и со квалитетен предлог закон и со време на дијалог, да даде придонес во носењето на Законот за обвинителство, согласно стандардите на Советот на Европа. Но, новото обвинителство не би смеело да стане засолниште на обвинители рекетари, ниту за нивните соработници. А по однос на госпоѓата Рускоска, самиот мега скандал Рекет покажува дека наместо обвинител, таа засега повеќе постапува како адвокат на главните рекетари од СЈО и Владата, на кои им овозможува екстра време за форматирање на телефони, прикривање на докази и влијание врз сведоци, вели во пишана изјава за Сител пратеникот Антонио Милошоски кој го предводи тимот на опозициската партија.

Дека двете страни уште потешко ќе стигнат до догворо потврдува и ставот кој го добивме од министерството за првда.

„На последната средба беше договорено следниот состанок да се одржи по 19ти август. Отстапките што се направени се веќе содржани во предлогот на законот кој е веќе испратен во Собранието и беше презентиран пред јавноста, се вели во кусиот одговор од правда.

Заменик-претседателката на СДСМ и вицепремиерка пак вели дека преговорите за ова законско решение важно за добивање датум за преговори со Европската унија, веќе одземаа многу време. Шеќеринска ја повика опозиција вистински да ја покаже грижата за евроспката иднина на земјава и го поддржи владиниот закон.

“Секој кој сака да помогне во барањето одговорност за кршење на законот, тоа треба да го покаже на најлесен и највидлив начин со поддршка на законот за јавно обвинителство. Преговорите со опозицијата за законот се одвиваат веќе предолго време по клучното прашање и за власта и за граѓаните, но и за почеток на преговорите со ЕУ, а тоа е законот за СЈО. Новото обвинителство ќе се занимава со поранешни, но и со актуелни нови случаи. Покажавме дека со ова не правиме компромис. Очекуваме, бараме и повикуваме опозицијата која секој ден по пет пати спомнува правна држава и бара одговорност да покаже дека и таа ја носи одговорноста со поддршка на законот", изјави Шекеринска.

Со целосно спротивстваени ставови власта и опозицијата излегоа по последната средба која се одржа на 1 август. Двете страни се далеку од договор за составот на новото обвинителство за гонење на висока корупција кое треба да го замени СЈО. Неизвесна останува и иднината на предметите кои специјалното обвинителство ги отвори по законскиот рок. Засега договорено е само зголемувањето на финансиската независност на државното обвинителство, но процентот кој ќе го добива од буџетот треба да ги утврди Министерството за финансии.

Законот кој Владата го испрати до Собранието пратениците ќе го разгледуваат по годишните одмори, на седницата закажана на 27 август. За усвојување на законското решение со кое се решава статусот на СЈО потребна е поддршка од најмалку 80 пратеници, кои власта се уште ги нема обезбедено.