Македонија
9. October 2019 - 19:06

Случајот Рекет се проширува на ,,Меѓународниот сојуз‘‘ и на нови 4 физички лица, меѓу нив и Фросина Ременски

Боки 13, неговите најблиски соработници и пратеничката Фросина Ременски се под истрага за активностите на Меѓународниот сојуз на Јовановски. Според обвинителството, со измами успеале да прибават скоро 1 милион евра од двајца бизнисмени. Во период од јули 2017-та, до април минатата година, Боки 13 ветувајќи дека ќе гради старечки домови кои потоа ќе ги помага државата, успеал да наплати околу 950 илјади евра од бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзовски. Подготовката на договорите и транскакциите на парите ги помагале таткото на Јовановски, Миле, потпретседатлеката на Меѓународниот сојуз, Јасна Мандиќ и нејзината асистенка. На состаноците со бизнисмените, Боки 13 го придружувала и пратеничката Фросина Ременски. Според обвинителството, нејзиниот углед и авторитет требало да остават впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт. Од државното обвинителство велат дека истрагата за овој случај е продолжение на предметот „Рекет“.

Утре обвинителката Вилма Русковска ќе го поднесе и обвинението за случајот Рекет во кој осомничени се Боки 13, Зоран Милевски и екс шефицата на СЈО, Катица Јанева. Дел од нив побарале спогодба, но според државниот обвинител, засега нема таков договор.

Според истрагата која обвинителството ја отвори за активностите на Меѓународниот сојуз, кривични пријави се поднесени против петмина и едно правно лице. осомничени се дека сториле кривични дела измама, перење пари и помагање при извршување на кривичното дело измама.