Македонија
12. April 2018 - 16:47

Случај „Поткуп“: Јавноста исклучена од прислушувањето на ПИМ мерките

Снимката во предметот Поткуп против премиерот Зоран Заев не се пушти во судница ниту на денешното рочиште. Апелација се уште нема одлучено дали јавноста ќе ја види целосната снимка од разговорот помеѓу Заев и струмичкиот бизнисмен Иван Николов. Повеќе од еден час денеска без присуство на новинарите Заев во судница ги слушаше останатите телефонски разговори обезбедени со посебни истражни мерки. По завршување на рочиштетот премиерот оцени дека Јавното обвинителство нема докази да ги поткрепи тврдењата во обвинителниот акт.

Заев вели дека Специјалното обвинителство поседува повеќе 10.000 негови телефонски разговори поврзани со овој предмет. Дел од нив се обезбедени со пи мерки, а останатите нелегално.

Адвокатите на премиерот Зоран Заев побараа исказот на клучниот сведок во предметот Поткуп да не се смета за доказ. Според одбраната струмичкиот бизнисмен Иван Николов е агент-провокатор, а не сведок и судската пресуда не може да се темели на неговото сведочење. Николов минатиот пат тврдеше дека за легализација на градежно земјиште Заев му побарал дополнителни две евра од метар квадратен, едно за него и едно за изградба на црква. Доказната постапка за Поткуп продолжува и на следното рочиште закажано за во понеделник.